понеделник, 22 декември 2025

Грција до септември ја посетиле рекордни над 31 милион туристи

Грција до септември ја посетиле повеќе од 31 милион туристи, што претставува рекорден број посети, а 2025 година може да биде една од најдобрите години за туризмот во модерната историја на земјата, пишува туристичкиот портал еТурбо њуз (ЕТН).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Приходите од туризмот во Грција растат од почетокот на годината, и покрај засилената конкуренција низ Европа и источниот Медитеран.

Според податоците на грчката централна банка и националните институции задолжени за туризмот, земјата помеѓу јануари и септември примила повеќе од 31 милион меѓународни посетители, што е за четири отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Приходите од туризмот достигнале околу 20 милијарди евра, што претставува зголемување од девет отсто во споредба со минатата година.

Овие бројки укажуваат на поголема потрошувачка по посетител, подолги престои или ценовни ефекти поврзани со инфлацијата и зголемената побарувачка за премиум-патувања.

Трендот е особено изразен кај туристите од земјите надвор од ЕУ, чиј број на пристигнувања пораснал за речиси десет отсто, додека растот на посетите од земјите членки на ЕУ бил незначителен.

Германија и Обединетото Кралство и понатаму се најголемите туристички пазари за Грција, со речиси девет милиони посетители во првите девет месеци од годината. САД остануваат најважниот грчки пазар за далечни дестинации, со зголемен број директни летови и растечка побарувачка за обиколки на културни знаменитости, острови и специјализирани тури.

И покрај добрите резултати на Грција, најатрактивната туристичка дестинација во Европа и натаму е Шпанија, која забележала над 85 милиони меѓународни туристи во првите десет месеци од годинава, со потрошувачка поголема од 118 милијарди евра.

Сепак, Шпанија се соочува со сè поголеми проблеми поради прекумерен туризам, недостиг од станови и сè понегативен став на локалното население кон странските туристи.

Овие предизвици стануваат сè порелевантни и во најбараните дестинации во Грција — Санторини, Миконос и центарот на Атина.

Турција бележи најбрз раст

Според процентуалниот раст, Турција продолжува да ја надминува Европа. Таа забележала речиси 50 милиони посетители од јануари до септември, вклучувајќи повеќе од 41 милион странски туристи, а приходите од туризмот надминале 50 милијарди долари.

Предноста на Турција лежи во внимателно креираните ценовни понуди, развојот на големи туристички комплекси и силната авионска поврзаност, особено преку Туркиш ерлајнс.

Сепак, официјалната статистика ги вклучува и турските државјани што живеат во странство, што го прави директното споредување со Грција и Шпанија покомплексно.

На ниво на Европа, меѓународниот туризам годинава продолжи да расте, надминувајќи ги претпандемиските нивоа во многу земји на југот на континентот.

Додека медитеранските земји имаат корист од силната побарувачка, Централна и Северна Европа се соочуваат со побавен раст, ограничен од повисоките оперативни трошоци, недостигот од работна сила и послабата побарувачка за далечни патувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ