Земјоделците што протестираат поради доцнењата во исплатата на земјоделските субвенции финансирани од Европската Унија, се чини дека позитивно реагирале на обновената покана на владата за дијалог, соопштија грчки владини претставници, пренесе Катимерини.
Се очекува за време на викендот да се одржи национален состанок на земјоделците, на кој учесниците ќе одлучат за составот на комисијата што ќе ги претставува демонстрантите во разговорите со премиерот Киријакос Мицотакис. Средбата со премиерот е закажана за следниот вторник во палатата Максимос.
Портпаролот на владата Павлос Маринакис, кој претходно ја упатил поканата, нагласи дека пред разговорите мора да бидат исполнети два услови.
Прво, застапеноста мора да биде пропорционална, со што ќе се обезбеди сите земјоделски протести низ земјата да бидат правично претставени на преговарачката маса.
Тој исто така истакна дека дијалогот може да започне дури откако ќе бидат укинати блокадите на патиштата.
Прототема објави дека патиштата утре повторно ќе бидат отворени, а тракторите ќе бидат паркирани покрај автопатите низ земјата.






