петок, 19 декември 2025

Грчките власти наложија притвор за наводен шеф на нарко картел: на брод запленети четири тони кокаин

Грчките власти наложија притвор за наводниот лидер на голем нарко картел откако запленија четири тони кокаин на рибарски брод во Атлантски Океан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Осомничениот хотелиер и сопственик на брод Александрос Ангелопулос беше приведен во грчкиот град Катерини и обвинет дека предводел криминална организација која користела рибарски бродови за шверцување големи количества кокаин од Јужна Америка во Европа, објави грчкиот неделник То вима.

Ангелопулос е еден од петте осомничени, од кои четворица се во притвор, а едно лице е условно ослободено.

Грчките обвинители тврдат дека Ангелопулос ја злоупотребил својата долгогодишна деловна активност во секторот за поморски риболов за да координира меѓународни пратки на дрога и дека во тие операции ја надгледувал логистиката, регрутирал членови на екипажите, подготвувал бродови со специјална навигација и управувал со перењето на  парите преку рибарски компании.

За време на своето сведочење Ангелопулос ги негираше сите обвинувања и кажа дека бродот на кој е пронајден кокаинот повеќе не му припаѓа.

Тој им кажа на истражителите дека во август 2025 година ја префрлил сопственоста на член на екипажот кој оттогаш е уапсен од француските власти, што тие го отфрлија.

Истражителите велат дека групата на Ангелопулос е високо организирана и поврзана со меѓународни нарко картели, и наводно користела рибарски бродови како „матични“, префрлајќи го кокаинот на море на чамци за да го намали ризикот од откривање пред да го испорача во Европа.

Во операцијата „Ипалос“, со која е откриен ланецот на шверц, учествувале грчки и европски агенции со помош на разузнавачки информации од американските власти.

Бродот бил запленет на 14 декември, кога француската морнарица го пресретнала и открила повеќе од 130 пакети кокаин со тежина помеѓу 3,4 и 4,7 тони.

Властите проценуваат дека профитот на организацијата изнесува повеќе од 100 милиони евра, што е еден од најголемите случаи на трговија со дрога во Грција во последните неколку години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ