Дендијас го спомена и Александар Велики. За Грците, Индија, како што рече, на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се реализира.
Тој се осврна и на демографската слика на Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, поради што се „потребни млади луѓе за да се пополни празнината“. Смета дека индискиот потконтинент, со оглед на својата демографска структура, би можел да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа поради, како што рече, „разградувањето на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна големина, можеби дури и мала. А сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постојните механизми на Европската Унија, како програмата СЕЈФ, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е во тој рок да се воспостават нови производствени линии и да се пуштат во работа погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу позначајно, за кое ќе биде потребно време, а тоа е културата. Помладата генерација Европејци сè уште не ја разбираат потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење на одбраната на она што Европската Унија го создаде — простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, изјави грчкиот министер.
На крај, Дендијас изјави дека „целосно го поддржува“ воспоставувањето заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.






