четврток, 26 февруари 2026

Градоначалникот на Северна Митровица добил покана на суд за банер „Мир Божји, Христос се роди“

Градоначалникот на Северна Митровица Милан Радојевиќ денес изјави дека добил покана да се појави пред суд, откако против него е поднесена кривична пријава за истакнување транспарент со натпис „Мир Божји, Христос се роди“ за време на прославата на Божиќ во јануари годинава.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Радојевиќ за медиумите во Митровица, како што објави Радио телевизија Србија (РТС), изјави дека во својство на претседател на општината донел одлука да постави транспарент со „мирољубива порака, кој прво го одзеде полицијата, а потоа го врати“ на Божиќ, 6 јануари.

„Поради тој транспарент, добив покана да се појавам пред судот, што секако ќе го направам како одговорен граѓанин и градоначалник на општината која ја водам“, кажа тој, додавајќи дека ова е само еден од видовите притисок што го трпат Србите во Косово и Метохија.

Тој изјави дека не му е јасно врз основа на што е поднесена кривичната пријава против него и дека останува да се види на кој член од законот и на кое кривично дело се однесува, со оценка дека станува збор за притисок врз новото општинско раководство.

„Но, она што е факт е дека станува збор за форма на притисок врз општинското раководство, каде што полицијата сака апсолутно да се меша во работата на општината, што е недозволиво. Општината има свои надлежности кои се делегирани од централното ниво, полицијата има свои надлежности. Мислам, како и мнозинството граѓани на овој град, дека косовската полиција има подобри работи отколку да набљудува како се поставени транспарентите и што е напишано на тие транспаренти“, кажа Радојевиќ.

Зборувајќи за законот за странци и возила кој стапува на сила на 15 март, тој кажаа дека раководството на претседателството на Српската листа е во секојдневен контакт со претставниците на меѓународната заедница, на кои им укажува на „сериозноста на овој проблем“, бидејќи тврди дека стапувањето на сила на тој закон ќе влијае на неколку илјади луѓе.

„За жал, досега немаме никаква повратна информација за тоа што се случува со тоа. И ние имаме информации, како и вие, дека постои експертска група, но тоа е единствената информација што ја имаме, ја слушнавме неколку пати преку медиумите. Нема комуникација со централната власт за ова прашање“, рече Радојевиќ.

Кога станува збор за ставовите на меѓународните претставници, Радојевиќ кажа дека од нив го слушаат одговорот дека ја разбираат сериозноста на проблемот, дека работат на него и дека тоа е сè што добиваат во моментов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ