Судењето потоа беше одложено до 16 јуни, кажа Кемал Полат, адвокатот на главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Обвинителите за Имамоглу бараат седум години и четири месеци затвор, со забрана за политичко дејствување.
„Тука сум бидејќи три пати победив на изборите во Истанбул“, го пренесува весникот Џумхуриет обраќањето на Имамоглу пред судот. Рочиштето неодамна беше префрлено од центарот на Истанбул во затвор со висока безбедност надвор од градот, а адвокатите на обвинетиот тврдат дека со тоа се крши правото на јавно судење.
Имамоглу денес треба да се брани и од посебните тужби поврзани со неговото управување со истанбулскиот округ Бејликдузу во 2015 година. Неговите адвокати кажаа дека не се очекува тој лично да присуствува на тоа сослушување. Против 53-годишниот опозициски политичар се водат пет посебни процеси и уште три истраги.
Денешните процеси не се поврзани со неговото апсење на 19 март поради обвинувањата за корупција и поддршка на тероризам кое предизвика масовни протести и поттикна една од најсериозните политички кризи во Турција во повеќе децении. Имамоглу денес како сведок ќе биде дел и од трет процес, против неговата Републиканска народна партија (ЦХП).
Имамоглу е најсилниот соперник на Ердоган, а неговите поддржувачи истакнуваат дека кривичниот прогон е дел од напорите на власта да ја блокираат неговата кандидатура на изборите. Следните претседателски избори во Турција се најавени за 2028 година.