среда, 28 јануари 2026

Градоначалникот на Будимпешта обвинет за одобрување на Парадата на гордоста: „Го прекрши законот“

Унгарските обвинители подигнаа обвинение против либералниот градоначалник на Будимпешта Гергели Карачони, за неговата улога во организирањето на собир за правата на ЛГБТК+ заедницата, барајќи изрекување парична казна без одржување на судење, соопштено е денес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Десетици илјади луѓе маршираа низ Будимпешта минатиот јуни и покрај полициската забрана, што ја направи Парадата на гордоста една од најголемите демонстрации против владата на националистичкиот премиер Виктор Орбан во последниве години.

Обвинителите тврдат дека Карачони го прекршил законот со организирање и водење на забранет собир.

„Окружното обвинителство предложи судот да изрече парична казна против обвинетиот преку кривична наредба, без одржување судење“, објавија тие.

Карачони се обиде да ја заобиколи забраната со регистрирање на Парадата на гордоста како општински настан, за кој тврдеше дека не е потребна дозвола.

Полицијата го забрани настанот, повикувајќи се на законот за заштита на децата. Парадата помина мирно.

„Од горд осомничен станав горд обвинет. Бидејќи тоа се чини дека е цената што треба да се плати во оваа земја кога се залагаме за сопствената слобода и слободата на другите“, напиша Карачони на својата официјална Фејсбук страница.

Владата на Орбан редовно ги ограничуваше правата на ЛГБТК+ заедницата во текот на изминатата деценија, а парламентот во март 2025 година донесе закон со кој се дозволува забрана на Парадата на гордоста за заштита на децата.

Критичарите велат дека овој потег е дел од поширокото ограничување на демократските слободи пред изборите закажани за 12 април, на кои Орбан се соочува со својот најголем предизвик во последните 16 години.

Повеќето анкети ја покажуваат централнодесничарската партија Тиса со водство од девет до 12 процентни поени пред Орбановата Фидес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ