Откако беа преброени речиси сите гласови од изборите одржани на 22 март, Движењето Слобода (ДС) на Голоб има 29 пратеници, еден повеќе од десно ориентираната Словенечка демократска партија (СДС) предводена од политичкиот ветеран, популистичкиот поранешен премиер Јанез Јанша.
На двете партии им се потребни коалициски партнери за мнозинство во парламентот од 90 места, што ја зајакнува преговарачката позиција на помалите партии.
Голоб ги повика лидерите на сите партии освен СДС да се приклучат на Движењето Слобода во владата на национално единство, во време кога Европа се соочува со нова енергетска криза поради американско-израелската војна против Иран, објавува Ројтерс.
Групација од три партии од десниот центар чии програми се блиски до СДС веќе ја отфрли поканата, тврдејќи дека ќе се обидат да формираат десничарска коалиција.
Левичарските партии кои беа во владејачката коалиција со ГС ќе го зголемат бројот на пратеници на 40 места, додека СДС и нејзините сојузници ќе имаат 43 места, три помалку од потребното мнозинство.
Голоб кажа дека сите учесници на состанокот се согласиле за соработка во подготовката на итни интервентни мерки за заштита на земјоделството и економијата воопшто, што, според него, е неопходно по „неодговорниот напад врз Иран и додека Европа се подготвува за голема економска криза“.
Словенија веќе се соочува со проблеми со снабдувањето со гориво и беше принудена привремено да ја ограничи неговата продажба на бензинските пумпи.
Под водство на Голоб Словенија спроведе проевропска политика насочена кон социјални реформи, усогласувајќи ја својата надворешна политика со европските земји, пишува Ројтерс.
Јанша, сојузник на унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан и поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, сака да воведе даночни олеснувања за претприемачите, да ги намали средствата за социјална помош и медиумите и да го промени меѓународниот правец на земјата, која во последните години ги осуди акциите на Израел во Газа и ја призна Палестина.
Изборите во Словенија привлекоа поголемо меѓународно внимание откако Голоб обвини „странски служби“ за мешање во изборниот процес, по извештаите за посета на претставници од израелската приватна разузнавачка фирма Блек кјуб на Јанша во декември.
Голоб го нарече ова „најголемиот скандал во Словенија од независноста“. Јанша ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека Голоб се обидува да ја прикрие корупцијата во сопствените редови.






