„Моментално достапните податоци се недоволни за да докажат врска помеѓу изложеноста на парацетамол во матката и аутизмот или нарушувања на вниманието со хиперактивност (АДХД) во детството“, се наведува во студијата.
Во последните недели, американскиот претседател Доналд Трамп постојано го поврзува земањето парацетамол за време на бременоста со висок ризик од аутизам кај децата. Во септември тој експлицитно ги повика бремените жени да не земаат парацетамол.
Научната заедница ги осуди овие обвинувања. Парацетамолот, кој се продава во Соединетите Американски Држави под името Тиленол, е лек на избор за бремени жени, за разлика од аспиринот или ибупрофен.
Студијата објавена од БМЈ не се базира на нови истражувања, но дава најточен преглед на моменталните сознанија.
Неколку студии претходно сугерираа дека може да постои врска помеѓу парацетамол и аутизам или АДХД, но авторите на најновата студија истакнуваат дека квалитетот на тие студии не е доволно добар.
Тие генерално не исклучуваат други фактори, како што се генетските предиспозиции или здравствени проблеми на мајката.
Трамп и неговиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот постојано даваат изјави за аутизмот, постоење на „епидемија“ или наводна врска која нарушувањата ја имаат со вакцинацијата.






