недела, 7 декември 2025

Голема саботажа на полска пруга важна за Украина (ФОТО+ВИДЕО)

Намерен чин на саботажа е причината за експлозијата која ја оштетила клучната железничка линија помеѓу Варшава и Лублин, потврди премиерот Доналд Туск. Иако сторителот сè уште не е идентификуван, сомнежот паѓа врз оперативци кои работат за Русија, особено затоа што оштетената железница се користи за снабдување на Украина, јавуваат полските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Првите извештаи за оштетувањето на железницата се појавија вчера, откако машиновозачот забележал оштетување на шините во близина на селото Мика. Уште вчера попладне Туск изјави дека е можно да станува збор за саботажа.

Утрово полскиот премиер објави дека, „за жал, потврдени се најлошите стравувања“. Тој потврди дека е употребена „експлозивна направа“ и истакна дека слична штета е откриена на друга локација на истата железница, поблиску до Лублин.

Службите за итни случаи, Агенцијата за внатрешна безбедност (АБВ) и канцеларијата на државниот обвинител работат на истрагата. Во инцидентите нема повредени, а железничкиот сообраќај продолжува да се одвива по соседната пруга.

„Најверојатно, намерата била да се дигне во воздух воз на железничката пруга Варшава-Денблин. За жал, нема сомнеж дека станува збор за саботажа“, кажа Туск.

Туск истакна дека е избегната трагедија, но дека околностите се загрижувачки. „За среќа, немаше трагедија, но работата е многу сериозна“, рече тој.

Полска се соочи со низа саботажни акти во последните години, од кои многу се припишуваат на поединци и групи кои дејствуваат за руските власти. Во 2023 година беа затворени 16 членови на група која, наводно, планирала да дигне во воздух возови со помош за Украина.

И покрај ова, заменик-министерот за внатрешни работи Мацеј Душчик повика на претпазливост, барајќи Русија да не биде автоматски обвинета за секој инцидент. „Русија не е толку моќна за секое палење, секоја ситуација од ваков вид да биде предизвикана од Русија“, рече тој, додавајќи дека руското учество во најновиот инцидент „не може да се исклучи“.

Од друга страна, неговиот претходник и сегашен европратеник Бартломеј Сјенкевич е подиректен, сугерирајќи дека инцидентот „може да укажува на нова форма на хибридна војна меѓу Русија и Полска“.

„Не поминува ниту еден месец без некаква форма на агресија од страна на луѓе регрутирани од руските безбедносни служби на територијата не само на Полска, туку и на целата Европска Унија“, додаде Сјенкевич. „Ние сме навистина во војна“.

Заменик-министерот за надворешни работи Марчин Босацки изјави дека „не поминува ниту една недела без нашите служби да откријат акти на саботажа од страна на Русија“, истакнувајќи дека инцидентот се случил на железничка пруга која е „многу важна рута… за снабдување на Украина“.

Претходно денес се обрати и началникот на Генералштабот на полските вооружени сили, генерал Вислав Кукула. ​​Иако не ја именуваше директно Русија, неговата порака беше јасна.

„Непријателот почна со подготовки за војна“, кажа Кукула. „Тие овде градат одредена атмосфера која има цел да ја поткопа довербата на јавноста во владата и институциите како што се вооружените сили и полицијата. Намерата е да се создадат услови поволни за потенцијална агресија на полска територија“.

„На овие видови акции не секогаш им претходат вооружени конфликти“, додаде тој. „Уште еднаш нагласувам: она што е најважно денес е нашиот став, нашата реакција“,

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ