Снимките од местото на настанот прикажуваат тела во крв како лежат на подот на џамијата покриен со теписи, опкружени со парчиња стакло, урнатини и вознемирени верници.
Уште десетици повредени лежеле во дворовите на џамијата Кадија Тул Кубра Имамбарга, во полуурбана област на периферијата на Исламабад, додека луѓето повикувале на помош.

Ројтерс наведува дека бомбашките напади се ретки во строго обезбедениот главен град, иако Пакистан во последните години е погоден од растечки бран милитантно насилство.
„Бројот на загинатите во експлозијата се зголеми. Вкупно 31 лице го загубија животот. Бројот на ранетите пренесени во болниците порасна на 169“, соопшти заменик-комесарот за Исламабад, Ирфан Мемoн.
Двајца полициски претставници изјавија дека напаѓачот бил запрен на портата на џамијата пред да ја активира бомбата. Побарале да останат анонимни бидејќи не биле овластени да зборуваат со медиумите.
Шиитите, кои се малцинство во претежно сунитската муслиманска земја со 241 милион жители, и претходно беа предмет на секташко насилство, вклучително и од сунитската исламистичка милитантна група Техрик-е-Талибан Пакистан, која ги смета за еретици.
Во самоубиствен напад на 11 ноември во Исламабад загинаа 12 лица, а 27 беа ранети, во напад за кој Пакистан соопшти дека го извршил авганистански државјанин. Ниедна група не ја презеде одговорноста за тој напад.
Премиерката на пакистанската покраина Пенџаб, Маријам Наваз Шариф, изјави дека на местото на експлозијата биле испратени 25 целосно опремени амбулантни возила и дека сите болници во округот Равалпинди се ставени во состојба на висока готовност. „Хируршките тимови, анестезиолозите, како и ортопедските и неврохируршките специјалисти се во готовност“, наведе Шариф.

Нападот остро го осудија највисоките државни функционери. Пакистанскиот министер за надворешни работи и заменик-премиер Ишак Дар настанот го нарече „кукавички самоубиствен напад врз невини верници“. „Нападите врз богомоли и цивили претставуваат гнасен злостор против човештвото и отворено кршење на исламските начела“, рече Дар, додавајќи дека Пакистан останува обединет во борбата против тероризмот. „Овие варварства нема да нè заплашат. Екстремистите ќе бидат изведени пред правдата“, порача тој.
Пакистанскиот претседател исто така го осуди нападот, нарекувајќи го „злостор против човештвото“. Истрагата за нападот е во тек, а засега ниту една група не ја презеде одговорноста. Безбедносните мерки во Исламабад и околните подрачја дополнително се зајакнати.






