Европската комисија погрешила кога одби да ги објави СМС-пораките разменети меѓу Урсула фон дер Лаен и извршниот директор на Фајзер Алберт Бурла во екот на пандемијата на ковид-19, одлучи Судот на правдата на Европската Унија.
Новинарите бараа увид во тајните пораки разменети меѓу претседателката на Комисијата и извршниот директор на фармацевтската компанија во пресрет на договорот за вакцини вреден повеќе милијарди евра меѓу ЕУ и Фајзер. Таа афера стана позната како Фајзергејт.
Пресудата може да има огромни последици за транспарентноста и одговорноста во ЕУ и претставува сериозен удар за угледот на Урсула фон дер Лаен, вели Политико.
Во соопштението Генералниот суд на ЕУ наведува дека Комисијата „не објасни на уверлив начин зошто смета дека СМС-пораките разменети во контекст на набавката на вакцините за ковид-19 не содржат важни информации или информации што бараат дополнително следење и чие зачувување мора да се обезбеди“.
Постоењето на овие пораки – кои Комисијата првично не ги ни потврди – беше откриено во интервјуто што Фон дер Лаен го даде за Њујорк тајмс во 2021 година.
Сепак, извршното тело на ЕУ пред судот во Луксембург за време на сослушувањето минатата година рече дека содржината на пораките не е доволно значајна за да се квалификува како документ – и затоа пораките не биле регистрирани или достапни за објавување од новинарите.
Во своето соопштение судот додава: „Комисијата не може едноставно да тврди дека не ги поседува бараните документи, туку мора да даде убедливи објаснувања што ќе им овозможат на јавноста и на Судот да разберат зошто тие документи не може да се најдат“.
Голем срам
Случајот од правен аспект беше незгоден за Фон дер Лаен бидејќи таа не само што лично го потпишала најголемиот договор за вакцини во блокот, туку и претседава со самата институција задолжена да го спроведува правото на ЕУ, кое ги содржи принципите на транспарентност и одговорност. Со судската пресуда против неа, таа им дава политичка муниција на широк спектар критичари.
Тоа е исто така голем срам со оглед на тоа што се случува само неколку месеци откако таа јавно вети дека ќе ги брани стандардите за транспарентност, ефикасност и чесност во својот втор мандат, вели Политико.
Случајот беше поттикнат од Њујорк тајмс и неговиот поранешен шеф на бриселското биро, кои во 2022 година покренаа тужба против одлуката на Комисијата да не ги објави СМС-пораките.
Постоењето на пораките беше откриено во интервју за Њујорк тајмс од април 2021 година, каде што Бурла ја опиша нивната преписка како поттикнување „длабока доверба“ и олеснување на преговорите за значителен договор за вакцини. Овој договор, финализиран во мај 2021 година, вклучуваше обврска за ЕУ да купи до 1,8 милијарди дози од вакцината на Фајзер-Бионтек против ковид-19, досега најголемиот од сите договори потпишани од Брисел.