Во август 2025 година албанскиот премиер Еди Рама го привлече вниманието на јавноста кога ја објави можноста за воведување министер или дури и премиер базиран на вештачка интелигенција. Само еден месец подоцна тој ја претстави Диела, службеничка управувана од вештачка интелигенција, задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела веќе им беше позната на Албанците како чет-бот на порталот на државните служби е-Албанија. Нејзиниот аватар е создаден користејќи го лицето и гласот на актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Кога беше „унапредена“ во министерка во септември минатата година, нејзиниот лик оживеа во и во обраќањето пред парламентот, кое беше емитувано низ целиот свет.
Сепак, според албанските медиуми, Биша ги тужи Советот на министри, премиерот, една приватна компанија вклучена во проектот и Националната агенција за информатичко општество (АКСХИ). Таа тврди дека владата продолжила да ги користи нејзиниот лик и гласот дури и по истекот на договорот, како и надвор од договорената рамка, која била ограничена исклучиво на платформата е-Албанија, пишува Политико.
The face of the world’s first AI minister actually belongs to a real person — actress Anila Bisha. Now she’s suing the Albanian government to get it back. pic.twitter.com/VE6AxCxR0a
— DW News (@dwnews) February 16, 2026
Во судските документи, кои беа објавени од бројни албански медиуми, Биша бара итна мерка за запирање на употребата на нејзиниот лик веднаш до крајот на постапката. Таа наведува дека неовластеното користење на нејзиниот идентитет ѝ предизвикало значителна и непоправлива штета.
Во телевизиско интервју минатиот септември Биша изјави дека снимила голем број видео и аудио материјали за четботот, за ограничен временски период и за симболичен надомест, без согласност нејзиниот лик да се користи за други цели.
Портпаролката на албанската влада Мањола Хаса за Политико изјави дека „Албанија е слободна и демократска земја каде што граѓаните можат слободно да поведат судски постапки против владата без цензура“. Таа додаде дека владата ја смета тужбата за неоснована, но ја поздравува можноста случајот да се реши на суд.
До моментот кога беше објавен текстот, Анила Биша не одговорила на барањето на Политико за коментар.






