Европските влади следниот четврток нема да гласаат за наредната климатска цел на блокот, рекле шест дипломати за Политико.
Одлуката за новата цел на Европската Унија за намалување на емисиите до 2040 година сега ќе биде одложена за најмалку неколку недели, што создава сомнеж дали блокот ќе може да ја презентира поврзаната климатска стратегија за 2035 година пред Обединетите нации до крајот на септември.
Министрите за животна средина на ЕУ требаше да се договорат за целите за 2035 и 2040 година на состанок на 18 септември во Брисел. Но Данска, земјата што претседава со разговорите, сега го откажа гласањето, според дипломати што разговарале анонимно за средбите зад затворени врати.
Претходно Франција и Германија им се приклучија на Полска и Италија во барањето гласањето да се одложи додека националните лидери да можат да дадат свој став за целта, создавајќи блокирачко малцинство.
Сепак, в четврток ќе се одржи министерска дискусија за подготовка на дебата на ниво на лидери. Портпаролот на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека лидерите ќе одржат „стратегиска дискусија“ на самитот на 23 октомври „за тоа која е најдобрата економска стратегија за постигнување на климатските цели на Европа“.
Вкупно 11 од 27 земји побараа одложување за време на подготвителниот состанок минатиот петок, според тројца дипломати, кои ги навеле Чешка, Малта, Австрија, Словачка, Романија, Унгарија и Летонија, покрај Италија, Франција, Германија и Полска.
„Нашата амбиција секогаш беше… што е можно побрзо да се постигне согласност за целта на ЕУ за 2040 година. Никогаш не го криев фактот дека ова е тешка и политички сложена задача“, изјави данскиот министер за клима Ларс Аагаард по состанокот.
„Можам да забележам дека меѓу доволен број земји членки постои желба шефовите на влади да ја дискутираат оваа работа пред тие земји да бидат подготвени да ги завршат преговорите за климатската цел за 2040 година“, додаде тој.
Некои земји, како Германија, појаснија дека сакаат само дискусија, но не и одлука на ниво на лидери, а гласањето меѓу министрите да се одржи подоцна. За договор на ниво на лидери е потребна едногласност, што ја зголемува можноста една земја да ја блокира целта.
Европската комисија предложи до 2040 година да се намалат емисиите на ЕУ за 90 проценти под нивото од 1990 година, но многу земји побараа дополнителен простор за исполнување на целта. Некои влади сакаат значително да ја ублажат целта.
Одложувањето исто така го отвора прашањето за планот на ЕУ за намалување на емисиите до 2035 година, цел што е потребна според Парискиот договор постигнат пред десет години. Министерствата требаше да гласаат за двете цели следната недела, бидејќи блокот планираше целта за 2035 да ја изведе од законот за 2040 година.
Заклучно со денеска не се знае дали блокот ќе донесе одлука за целта предвидена од ОН следната недела.
ОН поставија рок до крајот на септември за плановите за 2035 година, а бразилското претседателство на климатскиот самит КОП30 годинава повика сите потписници на Договорот од Париз да ги презентираат своите цели на средба на 24 септември во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Тројцата дипломати рекле дека Данска им рекла на земјите дека ќе свика состанок во вторник за да се одлучи што да се направи со целта за 2035 година, соопштувајќи им на владите дека имаат три опции.
Првата и најдрастична опција спомената од Данска е да се откаже и гласањето за целта за 2035 планирано за четврток — што би значело дека ЕУ ќе се појави на Генералното собрание „без ништо“, лишувајќи го блокот од можноста да влијае на напорите на другите големи загадувачи, рекол еден од дипломатите.
Втората опција е да се одложи само одлуката за целта за 2040 година и да се договори планот за 2035 година следниот четврток, иако ова најверојатно ќе резултира со цел послаба од очекуваната според Договорот од Париз — 66 проценти наместо 72,5 проценти.
Третата опција е ЕУ да може да „донесе изјава за намера“ во Њујорк со „привремена“ цел за 2035 година „земајќи ги предвид усвоените и предложените цели“, рекол дипломатот.
Оваа цел најверојатно ќе биде изразена како „опсег“ и „може да се ажурира откако ќе се постигне договор за целта за 2040 година“, додал дипломатот.
Данската преговарачка екипа рече дека целта на состанокот на 18 септември сега е „да се стабилизира текстот“, додавајќи дека Копенхаген сака земјите да постигнат согласност за двете цели „пред крајот на годината“.






