Во невообичаено острите изјави, кои, како што забележува Ројтерс, веројатно алудираат на потезите како соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро минатиот викенд, поранешниот шеф на дипломатијата кажа дека глобалната демократија е нападната како никогаш досега.
Иако улогата на германскиот претседател е главно церемонијална, неговите зборови носат одредена тежина и тој има повеќе слобода да ги изрази своите ставови отколку политичарите, истакнува британската агенција.
Опишувајќи ја руската анексија на Крим и целосната инвазија на Украина како пресвртница, Штајнмаер кажа дека однесувањето на САД претставува втор историски раскин.
„Потоа, тука е колапсот на вредностите од страна на нашиот најважен партнер, Соединетите Американски Држави, кои помогнаа во изградбата на овој светски поредок“, кажа Штајнмаер во обраќањето на симпозиум доцна синоќа.
„Станува збор за спречување светот да се претвори во дувло на разбојници, во кое најнескрупулозните земаат што сакаат, во кое регионите или цели земји се третираат како сопственост на неколку големи сили“, кажа тој.
Тој додаде дека во заканувачките ситуации се потребни активни интервенции и дека е потребно да се убедат земји како Бразил и Индија дека го штитат светскиот поредок.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера, надоврзувајќи се на критиките на својот германски колега, предупреди против сè поагресивната политика на Соединетите Американски Држави.
„Мултилатералните институции функционираат сè помалку ефикасно“, кажа Макрон во својот годишен говор пред француските амбасадори, објави Франс прес. „Живееме во свет на големи сили, во кој постои вистинско искушение да се подели светот“.






