петок, 19 декември 2025

Германскиот канцелар Мерц во Кишињев: Вратите на ЕУ се отворени за Молдавија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателите на Франција и Полска, Емануел Макрон и Доналд Туск, денес изразија поддршка за пристапувањето на Молдавија во Европската Унија, додека присуствуваа на прославата на Денот на независноста на Молдавија.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Тие нагласија дека ќе обезбедат техничка и дипломатска поддршка на Молдавија во нејзината заштита од хибридни напади од Русија.

„Денес го славиме фактот дека Молдавија одлучи да го следи патот на Европската Унија. Вратите на ЕУ се отворени. Добро знаеме колку Молдавија страда од руската агресија врз Украина“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со Макрон, Туск и молдавската претседателка Маја Санду.

Макрон изјави дека неговата земја ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Молдавија и ќе ја направи Молдавија попозната во рамките на Европската Унија, пренесува романскиот Еуроњуз.

„Минатата година, Молдавците одлучија да го вградат европскиот пат на земјата во Уставот. Заедно со своите европски партнери, Франција го поддржува овој суверен пат. Со задоволство забележуваме дека Молдавија успеа и постигна важен напредок кон приклучувањето кон ЕУ“, рече Макрон.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека неговата посета е знак на почит кон Молдавија и нејзината претседателка, која ја опиша како „политички и морален авторитет за сите Европејци кои ја ценат слободата, храброста и човечкото достоинство“.

„Безбедна и просперитетна Молдавија како дел од ЕУ е во витален интерес на Унијата. Мирот, просперитетот и безбедноста на Европската Унија и нејзините земји-членки се поврзани со спокојството, мирот и просперитетот на Република Молдавија. Европа ќе биде посилна со Молдавија“, рече Туск.

За време на прославата на Денот на независноста на Молдавија, на присутните им се обрати и претседателката на земјата, Маја Санду, која нагласи дека Молдавија цврсто го продолжува својот европски пат и им се заблагодари на Мерц, Макрон и Туск за нивното присуство и поддршка, пренесува Еуроњуз Романија.

На 27 август 1991 година, парламентот во Кишињев ја усвои Декларацијата за независност на Република Молдавија, со која се ратификува независноста од Советскиот Сојуз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ