понеделник, 5 јануари 2026

Германски весник: Германската разузнавачка служба со години го прислушувала Обама

Германската Сојузна разузнавачка служба (БНД) со години го прислушкувала тогашниот американски претседател Барак Обама, објави германскиот неделник Цајт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според весникот, германската служба за надворешно разузнавање ги пресретнала телефонските разговори на американскиот претседател додека тој бил во претседателскиот авион Ер форс уан. Надзорот над американскиот претседателски авион го прекинал кабинетот на канцеларката дури во 2014 година.

Операцијата е политички особено чувствителна бидејќи во 2013 година канцеларката Ангела Меркел јавно ја критикуваше американската разузнавачка служба НСА, велејќи дека „шпионирањето на пријатели е неприфатливо“.

Според информирани извори, БНД успеала да ги пресретне разговорите на Обама поради дефект во енкрипцијата на комуникациите на претседателскиот авион. Техничарите во владиниот авион користеле десетина фреквенции за телефонските повици на претседателот, а овие фреквенции ѝ биле познати на БНД и, според изворите, биле следени редовно, иако не постојано.

БНД била свесна за чувствителноста на операцијата бидејќи Соединетите Американски Држави не биле опфатени со официјалниот мандат на германската влада кој дефинира кои земји на разузнавачката служба ѝ е дозволено да ги следи. Поради ова, транскриптите од комуникациите на Обама се чувале во посебна папка и постоеле само во поединечни примероци.

Таа мапа циркулирала во многу тесен круг на самиот врв на разузнавачката служба, вклучувајќи го претседателот на БНД, потпретседателите и раководителот на надлежниот оддел. По читањето, транскриптите морале да бидат уништени. Последователно, добиените информации биле вклучени во општите проценки на американските позиции, кои потоа биле испратени до кабинетот на канцеларката.

Во 2014 година Зидојче цајтунг објави дека тогашната државна секретарка на САД Хилари Клинтон била прислушувана. Потоа, тогашниот раководител на кабинетот на канцеларката, Петер Алтмаер, наредил прекин на таквата практика, но, според Цајт, тој не знаел дека самиот американски претседател бил цел на БНД.

Оттогаш, БНД повеќе не ги следи американските претседателски авиони. Операцијата против Обама траела неколку години и не се знае точно кога започнала или дали и неговиот претходник Џорџ Буш Помладиот бил прислушуван.

Според информациите добиени од Цајт, БНД за следењето на Обама немала официјално одобрение. Не е јасно дали и до кој степен одредени службеници од кабинетот на канцеларката биле свесни за тоа. Според весникот, самата канцеларка Меркел наводно не била информирана и веројатно не би дозволила таква операција.

Откако Шпигел откри во октомври 2013 година дека американската НСА со години го прислушкувала нејзиниот мобилен телефон, Меркел јавно изјави дека надзорот меѓу сојузниците е неприфатлив. Во приватни разговори, пишува Цајт, таа направила паралели со Штази и предупредила дека државите би можеле да се урнат под тежината на манијата за надзор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ