Судот во Келн заклучи дека иако сè уште постои „силно сомневање“ за неуставните аспирации на партијата АфД, недостигаат „несомнени докази“ дека овие аспирации се однесуваат на партијата како целина.
Судот особено го анализира концептот на „ремиграција“, со кој делови од партијата бараат протерување на граѓани од странско потекло од Германија.
„Во рамките на АфД нема конкретни планови за протерување на граѓани од странско потекло. Овој концепт е исто така дифузен во рамките на партијата и се припишува само на поединечни членови, а не на аспирациите на партијата како таква“, се наведува во образложението.
Во мај 2025 година Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок ја означи АфД како потврдена антиуставна организација, што ѝ овозможува на оваа канцеларија да ги користи сите средства кои ѝ се достапни на тајната служба за следење на работата на АфД.
АфД поднесе тужба против таа одлука, која Административниот суд во Келн сега ја прифати.
Потпретседателката на АфД Алис Вајдел ја опиша судската одлука како „голема победа“ за нејзината партија.
„Не само што Канцеларијата за заштита на уставниот поредок повеќе не може да ја третира АфД како антиуставна организација, туку оваа одлука им ги затвори устите на сите оние кои се за забрана на АфД“, објави Вајдел преку платформата Икс.
Со тоа таа укажува на сè посилните аспирации во Германија да се покрене процес за забрана на АфД пред Уставниот суд.
Многу покраински ограноци на АфД веќе се дефинирани како организации кои дејствуваат против уставниот поредок на Германија.
Сепак, судот истакна дека станува збор за привремена одлука и дека дискусијата во главниот процес во врска со дефинирањето на АфД на федерално ниво како антиуставна организација сè уште е во тек.






