Бројни европски дипломати, кои биле информирани за сè по средбата на генералниот секретар на НАТО со Трамп, го опишуваат неговото барање како ултиматум. Во последните денови и Берлин сигнализираше начелна подготвеност за заедничка мисија, но германската влада поставува услови за тоа, како што се силен мандат на ОН и трајно примирје или договорено прекин на огнот.
Покрај барањата поврзани со Ормускиот теснец, Трамп врши притисок врз партнерите од НАТО и со други закани. Според извештаите на американските медиуми, се составува список на европски членки на Алијансата кои ја поддржаа војната против Иран и оние кои се спротивставија на неа. Се вели дека Трамп потоа има намера да ги повлече американските трупи од земјите кои одбија соработка.
Фокусот наводно е на Шпанија, чија влада им го ускрати на американските воздухопловни сили дури и правото за прелетување на борбените авиони и воздушните танкери.
Германија, од друга страна, не воведе никакви ограничувања за користењето на големите американски бази на нејзина територија од страна на САД. И покрај ова, Трамп ја етикетираше и германската влада како противник на војната, првенствено поради изјавата дека воената кампања „не е нивна војна“.
Иако автор на таа изјава беше министерот за одбрана Борис Писториус, Белата куќа веднаш му ја припиша на канцеларот Фридрих Мерц, кој вообичаено се изразува многу подипломатски.






