недела, 7 декември 2025

Германски Рајнметал ќе гради фабрика за барут и муниција во Бугарија

Бугарија денес потпиша договор со германската компанија за оружје Рајнметал за изградба на фабрика за барут и муниција, како дел од напорите за подобрување на нејзината одбрана по руската инвазија на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фабриката, која ќе произведува барут, артилериски гранати од 155 мм и модуларни системи за полнење, ќе биде изградена како заедничко вложување помеѓу Рајнметал и најголемата државна фабрика за оружје во Бугарија, ВМЗ-Сопот.

За нејзината работа ќе бидат потребни речиси 1.000 висококвалификувани работници.

Бугарските власти велат дека ова ја прави фабриката еден од најголемите индустриски проекти во Бугарија во последните години.

Рајнметал ќе има 51 отсто удел во заедничкото вложување, а Бугарија ќе го финансира своето учество преку заеми во рамките на европскиот механизам САФЕ.

По потпишувањето на договорот извршниот директор на Рајнметал Армин Папергер изјави дека новиот објект би можел да биде готов во рок од 14 месеци и би можел да започне со производство на до 100.000 артилериски гранати годишно.

Бугарскиот премиер Росен Жељазков кажа дека договорот е „огромен чекор напред во индустриските и одбранбените капацитети на земјата“.

Бугарија беше еден од главните производители на оружје во поранешниот советски блок, особено на мало оружје, муниција и лесни оклопни возила.

Падот на Варшавскиот пакт доведе до остар пад во секторот, принудувајќи многу државни фабрики да се затворат.

Почетокот на конфликтот на Украина во 2022 година донесе нов импулс во производството на оружје во Бугарија, правејќи ја важен снабдувач на муниција за Киев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ