Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и беше причина за големи нарушувања низ Европа во последните месеци. Некои официјални лица кажаа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ од страна на Русија. Москва негира каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување во Белгија: Не се осмелувајте да ги чепкате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува поинаку“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското министерство за одбрана одби да ги коментира неговите изјави, но изјави дека „оваа можност веќе е спомената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер кажа дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Позицијата на Белгија е клучна бидејќи белгиската финансиска институција Јуроклеар ги држи руските замрзнати средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако вчера привремено го прекина сообраќајот поради забележан дрон, што е втор ваков инцидент оваа недела.
Поради беспилотните летала забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж, бројни летови беа пренасочени, а некои авиони што требаше да полетаат пред три дена беа приземјени.
Во четвртокот аеродромите во неколку земји, вклучително и Шведска, беа привремено затворени од истите причини. Германската војска формира тимови за брз одговор за справување со акутни закани од беспилотни летала, изјави висок германски воен функционер.
„Овие единици против беспилотни летала се формираат токму сега“, изјави во интервју за Ројтерс генералот Александар Солфранк, кој ја предводи Заедничката оперативна команда на Германија и го надгледува одбранбеното планирање на земјата. Германското министерство за одбрана објави дека испраќа специјалисти за справување со беспилотни летала во Белгија на барање на Брисел.






