Американските санкции против српската енергетска компанија НИС стапија на сила по неколкумесечните обиди да се избегне нивната примена. Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека вчера Хрватска ги сопре сите испораки на нафта до својот источен сосед Србија и потсетува дека Србија речиси целата своја нафта ја добива преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) изграден за време на Југославија.
Прашањето на снабдувањето со нафта
„Нафтоводот, кој вклучува цела низа складишта за гориво, почнува во хрватското јадранско пристаниште Омишаљ, а од таму оди на исток кон Србија и Унгарија. Јанаф го управуваат компании во сопственост на хрватската држава.“
Дека снабдувањето на Србија може да биде прекинато се навестуваше уште на почетокот на годината, пишува франкфуртскиот весник. „На 10 јануари, десет дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп, поранешниот американски претседател Џо Бајден воведе широк пакет санкции против руската нафтена индустрија, насочени, меѓу другото, кон руската државна компанија Газпром њефт и нејзините подружници. Санкциите влијаат и на српската компанија Нафтена Индустрија на Србија (НИС), која доминира на домашниот пазар.“
Весникот потсетува дека „во 2008 година српската држава го продаде НИС на Русија за само 400 милиони евра, што е значително под пазарната вредност. Продажбата тогаш беше сфатена како српска компензација за руското вето во Советот за безбедност на ОН против независноста на Косово. Од тогаш Белград поседува само малцински удел во профитабилната компанија.“
Позицијата на НИС
„Зад кулисите Србија, со поддршка на Унгарија и Хрватска, во последните неколку месеци успеа да го одложи почетокот на спроведувањето на санкциите шест пати. Сепак, роковите се скратуваа, што јасно покажуваше дека времето за играње завршува “, пишува германскиот весник.
Со оглед на доминантната позиција на НИС на пазарот, се поставува прашањето како и по која цена српската економија ќе се снабдува со нафта во иднина.
„Во четвртокот бензинот и дизелот сè уште беа достапни, бидејќи НИС, со оглед на очекуваниот развој на настаните, очигледно создала огромни залихи во претходните месеци. Сепак, според извештајот на новинската агенција Ројтерс, клиентите повеќе не можат да плаќаат со кредитни картички како Американ експрес, Мастеркард или Виза во одредени филијали“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Состојба на неизвесност
„Неизвесно е како новата ситуација ќе влијае на работењето на компанијата Ер Србија. Таа е голем клиент на НИС и откако Етихад ервејс од Обединетите Арапски Емирати влезе во неа пред дванаесет години, значително се прошири, а неодамна имаше корист и од фактот дека сè уште има дневни директни летови до Русија од Белград.“
Германскиот весник проценува дека ситуацијата е дополнително влошена од фактот што Србија е зависна и од рускиот гас и дека во последните неколку години не вложила видливи напори за намалување на таа зависност.
„Како противуслуга за тоа што не се приклучува кон санкциите против Кремљ, Србија повеќе од еднаш успеа да склучи поволни, но краткорочни договори за снабдување со гас од Русија. Сепак, присилната национализација на нафтената индустрија би можела да ги загрози нејзините идни гасни аранжмани Вучиќ јавно кажа дека сега треба со Русија да се „разговара за сè“.“
Белград сега мора да одлучи дали ќе претрпи економска штета или ќе ја налути Русија, пишува швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг во текстот со наслов „Србија ја плаќа цената за соработката со Русија“.
Вучиќ има разумно решение, но нема да го прифати поради Русија
„Претседателот Александар Вучиќ ја фаворизира првата опција. Причината за санкциите е тоа што НИС е во мнозинска сопственост на Русија. Рускиот државен концерн Газпром и неговата подружница Газпром њефт заеднички поседуваат 55 отсто од акциите во НИС. Дополнителни 30 отсто се во сопственост на српската држава“.
Весникот пишува дека преку НИС Русија стекнала влијание во Србија и поширокиот Балкан, додека Србија, од друга страна, добила руски сојузник во врска со Косово. „Поранешната српска покраина прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава. Сепак, во контекст на војната во Украина, оваа продажба сè повеќе се покажува како товар за Србија.“
Едно од можните решенија би била продажба на руските акции во НИС на европска земја или компании, според авторот на статијата во швајцарскиот весник, а додава и дека Хрватска сигнализирала дека е заинтересирана за тоа, но Русија одбива целосна продажба.
Затоа на Белград му преостанува само една опција за да избегне сериозни последици за својата економија: национализација на НИС, пишува Ноје цирхер цајтунг и заклучува: „Експертите се согласуваат дека ова би бил единствениот разумен потег. Сепак, таквиот чекор неизбежно би ги нарушил односите со Русија. Затоа Вучиќ засега го исклучува, иако со тоа ги прифаќа економските последици по земјата“.






