петок, 16 мај 2025

Германската разузнавачка служба привремено ја повлече оценката дека партијата АфД е екстремистичка

Германската внатрешна разузнавачка служба привремено ја повлече класификацијата на партијата Алтернатива за Германија (АфД) како „докажано екстремистичка десничарска партија“ додека се чека одлуката на судот на кој таа партија му се жалеше за таквата класификација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Копретседателите на АфД Тино Крупала и Алис Вајдел оценија денес дека привремената суспензија на класификацијата на нивната партија е „делумна победа“ над разузнавачките служби.

Суспензијата на класификацијата ќе важи додека Управниот суд на Келн не се изјасни за жалбата на АфД која ја оспорува одлуката на Службата за внатрешна безбедност (БфВ), соопшти судот. Не е најавено кога ќе биде донесена одлуката на судот.

Практична последица на суспензијата е дека БфВ ќе го повлече од својот сајт соопштението од 2 мај кое ја содржи таа класификација. Покрај тоа, не може да биде спроведен засилен надзор над партијата АфД кој таа класификација го дозволува.

Објавата од минатиот петок за новата категоризација на АфД која беше втора на неодамнешните парламентарни избори, одекна како бомба неколку дена пред инаугурацијата на новиот десничарски канцелар Фридрих Мерц.

Одлуката предизвика силни политички тензии, особено во односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој застана на страната на АфД.

Разузнавачката служба БфВ за својата проценка се повика на интерен извештај од повеќе од 1.000 страници подготвуван со години. Во него се заклучува дека идеологијата на АфД обезвреднува цели групи жители на Германија и „му штети на нивното човечко достоинство“, што, како што се наведува, не е во согласност со основниот демократски поредок.

Таа нова проценка повторно ја отвори расправата за можна забрана на таа партија формирана во 2013.

Управниот суд во келн уште во 2022 година ја одобри првичната одлука на БфВ да ја означи партијата АфД како осомничена за екстремизам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ