„Од денес, се интензивираат контролите врз танкерите, односно нивното осигурување во случај на истурање и загадување со нафта“, објавија вчера заедно министерствата за транспорт и надворешни работи на Германија.
Како што беше објавено, мерките се дел од напорите на европските партнери да се спречи движењето на таканаречената руска флота во сенка и со тоа да се зголеми безбедноста во сообраќајот и чистотата на Балтичко Море.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, истовремено нагласи дека една од целите е да се намали бројот на бродови што припаѓаат на таканаречената руска флота во сенка, која ја превезува руската нафта и на тој начин ги заобиколува меѓународните санкции наметнати врз Русија поради нејзината војна против Украина.
„Нашата цел е јасна: го зголемуваме притисокот врз руската флота во сенка и го заштитуваме животниот простор на Балтичко Море“, порача Вадефул.
Министерот за транспорт Патрик Шнајдер изјави дека целта на зголемените контроли е да се создаде список на бродови што пловат без соодветно осигурување од штета и загадување на морето.
„Колку е поцелосна сликата за состојбата на бродовите, толку побрзо ќе можеме да реагираме и да ги санкционираме таквите бродови“, објави Шнајдер.
Во исто време со Германија, и Шведска ја зајакна и контролата на бродовите што ги заобиколуваат санкциите.
Станува збор за танкери кои се делумно застарени, практикуваат ризични методи на навигација и ги избегнуваат пристаништата во западните земји поради немање соодветни полиси за осигурување.
Бродовите од таканаречената руска флота во сенка се исто така осомничени од Западот за оштетување на подводни кабли во последно време.






