„Слободите во демократијата не се бранат сами. Тоа мора да го преземат луѓето кои се подготвени да застанат зад тие слободи, а не оние кои седат зад оградата и чекаат некој друг да го стори тоа наместо нив“, кажа во расправата пред гласањето германскиот министер за одбрана Борис Писториус (од Социјалдемократска партија на Германија).
Според новиот закон воената служба би се базирала на доброволна основа. Во случај во одредени години да нема доволно доброволни регрути, Бундестагот би можел краткорочно да воведе таканаречена воена служба по потреба.
Се воведува и задолжително пополнување на прашалник за подготвеност за воена служба и воена способност, кој би го пополниле членовите на една генерација со наполнети 18 години. Пополнувањето на овој формулар е задолжително само за момчињата.
Според договорот на ниво на НАТО Германија е обврзана на 260.000 активни војници во германската армија, Бундесверот. Моментално во редовите на Бундесверот служат 185.000 регрути.
Доброволната воена служба би траела шест месеци, а се очекува месечна плата од 2.600 евра.
Денес претпладне, за време на дебатата во Бундестагот, низ цела Германија се одржаа протести против повторното воведување на воената служба. Протестите, на кои најмногу учествуваа средношколци, се одржаа под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
Воената служба беше укината во Германија во 2011 година поради уставни пречки, бидејќи системот на воената обврска не можеше да им обезбеди служење на воениот рок на членовите на цела генерација.






