Германската армија (Бундесвер) има на располагање повеќе од 108 милијарди евра оваа година – голем, досега невиден износ. Тоа се финансира од тековниот федерален буџет и од посебни фондови за кои државата се задолжува.
Со тие пари Бундесверот, на кој се штедеше со децении, треба повторно да стане борбено способен. Ова треба да се случи што е можно побрзо, бидејќи федералната влада стравува дека Русија би можела да почне напад врз територијата на членка на НАТО уште во 2029 година.
Што купува Бундесверот за тие милијарди и коку добро функционира брзото вооружување? За прв пат во својата историја Бундесверот оваа година нарачува неколку илјади борбени беспилотни летала.
Долго време немаше политичко мнозинство за набавка на борбени беспилотни летала. Но, војната во Украина, во која беспилотните летала се одлучувачки фактор, доведе до промена на размислувањето во Германија.
Кај нарачките предност добиле младите технолошки компании: стартап компаниите Штарк дифенс од Берлин и Хелсинг од Минхен треба секоја да добијат по една нарачка во вредност до 300 милиони евра. Прототипите на конкурентот Рајнметал не ги убедиле надлежните во Бундесверот.
Се купуваат камиказе-дронови, во стручен жаргон познати како „фрлачка муниција“. Беспилотните летала опремени со боеви глави се уриваат во целта и притоа самите се уништуваат. Меѓу другото, со нив треба да биде опремена бригадата на Бундесверот во Литванија, која се формира за подобро да го заштити источното крило на НАТО.
Бундесверот има недостатоци и во одбраната од беспилотни летала. Ова треба да се реши со комбинирање на различни средства за одбрана. Спектарот се движи од електронски уреди за блокирање до противвоздушното оклопно возило „скајренџер 30“, кое може да ги сузбие и роеви беспилотни летала.
„Скајренџер“, произведен од концернот Рајнметал, е особено важен бидејќи има сè повеќе летови на сомнителни дронови над Германија, вклучително и над објектите на Бундесверот. Но, може да биде испорачан дури во 2028 година. „Скајренџер“ ќе стане главен систем на оружје на новоформираната противвоздушна единица на војската. Таа единица била распуштена во 2012 година бидејќи се сметало дека повеќе не е потребна.
За одбрана од дроновите предвидено е и ново ласерско оружје. Тоа е првенствено важно за морнарицата. Имено, бродовите имаат ограничен капацитет за складирање муниција, а на ласерското оружје му е потребна само електрична енергија. Едно такво ласерско оружје за одбрана од беспилотни летала, развиено од компаниите Рајнметал и МБДА, веќе ја поминало фазата на тестирање во морнарицата. Сега е и на списокот за набавки на Бундесверот.
Иако Бундесверот најчесто ја купува својата нова опрема од германски и европски производители на оружје, некои големи договори се склучуваат и со американски концерни. На пример, оној за невидливиот борбен авион Ф-35А, кој се смета за најсовремен борбен авион во светот. Германската влада нарача 35 парчиња од американскиот одбранбен гигант Локид Мартин. Цената на целиот пакет, вклучувајќи оружје и резервни делови е речиси десет милијарди евра.
Една од причините за изборот: Ф-35 може да биде вооружен со американски нуклеарни бомби во итна ситуација. Оваа улога досега ја играа авионите „торнадо“ на Бундесверот, кои наскоро ќе бидат повлечени од употреба поради нивната старост. Германската флота Ф-35 на тој начин станува дел од нуклеарниот чадор на НАТО над Европа.
Покрај тоа, Бундесверот купува и 60 тешки транспортни хеликоптери ЦХ-47 чинук од американскиот концерн Боинг. Во Европа, велат експертите, нема конкурентски производ со такви можности. Цената е 7,3 милијарди евра.
Од Боинг доаѓа поморскиот извидувачки авион П-8А Посејдон, кој благодарение на најсовремената сензорска технологија може да следи големи морски површини и да открива подморници. Првиот примерок беше испорачан на германската морнарица на есен. Според министерот за одбрана Борис Писториус тој авион би можел да биде придонес на Германија за подобар надзор на водите околу Гренланд како дел од мисијата на НАТО.
Современите системи на оружје повеќе не можат да се замислат без вештачка интелигенција (ВИ). Колку расте нејзината важност покажува проектот Уранос КИ, со кој ќе се опреми бригадата на Бундесверот во Литванија.
На источното крило на НАТО треба прецизно да се следат големи области – и тука влегува во игра вештачката интелигенција. Таа треба да помогне во анализата на големи количества податоци собрани од разни сензори. Ова, на пример, би можело да го олесни откривањето на непријателски беспилотни летала. Деталите за проектот се чуваат во тајност од Министерството за одбрана со добра причина.
Случајот со фрегатата Ф126 покажува дека сите скапи големи проекти не секогаш одат непречено. Откако дизајнот на најголемиот борбен брод на морнарицата беше пречекан со ентузијазам, разочарувањето брзо се појави за време на изградбата. Главниот изведувач, холандското бродоградилиште Дамен навал не успеал да ги спроведе плановите. Според медиумските извештаи, околу 1,8 милијарди евра веќе се инвестирани во Ф126. Проектот би можел да стане „дупка за милијарди“, стравуваат опозициските политичари.
Сега германската компанија Навал веселс Лирсен (НВЛ) треба да го преземе проектот и да спаси тоа што сè уште може. Но, бидејќи на морнарицата итно ѝ се потребни нови фрегати поради обврските во НАТО, се планира транзициско решение. Бундесверот сака да купи дополнителни фрегати МЕКО А-200 од ТКМС, најголемиот производител на воени бродови во Германија. Бидејќи тој модел е веќе граден за извоз, плановите се готови. Но, дури и тоа „транзициско решение“ нормално чини дополнително – Бундестагот веќе одобри дополнителни 7,8 милијарди евра за него минатата година.
И за нови униформи и лична опрема Бундестагот на крајот на минатата година одобри голема сума – за вкупно 460.000 војници. Критичарите прашуваат дали ова е претерано, бидејќи Бундесверот моментално има само околу 184.000 припадници. Но, бројот на војници треба значително да се зголеми – вклучувајќи ги и резервистите, на 460.000 мажи и жени.
Тоа може да потрае со години, но униформите тогаш во секој случај ќе бидат достапни во доволен број. Кога новите војници ќе влезат во служба, „не можеме да ги облечеме во тренерки“, објасни министерот за одбрана Борис Писториус.






