вторник, 3 февруари 2026

Германија се противи на директни преговори со Русија

Германската влада повторно го изрази своето противење на отворањето дипломатски канали со рускиот претседател Владимир Путин за преговори за окончување на војната во Украина. Таа идеја добива на интензитет откако ја поддржаа лидерите на Франција и Италија, но Берлин останува цврст на својата позиција, пишува Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние ги поддржуваме директните разговори меѓу Русија и Украина на највисоко ниво бидејќи не може да има праведен и траен мир без учество на Украина“, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи за Јуроњуз.

„За жал, досега не видовме промена во ставот на Русија. Москва продолжува да инсистира на максималистички барања и не покажува вистинска подготвеност за преговори, а во исто време продолжува со бруталните напади врз украинската енергетска инфраструктура и други цивилни цели“, додаде тој.

Минатата недела, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека е „скептичен“ во врска со можноста за повторен ангажман со Кремљ, посочувајќи на неговото упорно одбивање да воспостави безусловно примирје во Украина, долгогодишно барање на Европејците.

„Ќе мора да го продолжиме притисокот и санкциите и да ги зајакнеме секаде каде што е можно“, кажа Мерц, истакнувајќи дека Европската Унија веќе е во контакт со Киев и Вашингтон за да ја пренесе својата единствена позиција.

„Москва мора да биде подготвена да ја заврши војната. Ако не биде така, цената што ќе ја плати за оваа војна, вклучително и економската, ќе расте недела по недела и месец по месец. Ова е, за жал, ситуацијата во која се наоѓаме денес“, додаде канцеларот.

Ваквите коментари ја ставаат Германија, најголемата членка на Европската Унија, во директен конфликт со Франција. Минатиот месец, по состанокот на коалицијата на спремните, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дијалогот со Путин, кој во голема мера е суспендиран од февруари 2022 година, треба да почне „што е можно поскоро“.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони потоа ја поддржа позицијата на Макрон. „Верувам дека дојде време Европа да разговара со Русија“, кажа Мелони. „Ако Европа одлучи да учествува во оваа фаза од преговорите разговарајќи само со една од двете страни, се плашам дека нејзиниот позитивен придонес на крајот ќе биде ограничен“.

Европската комисија призна дека „во одреден момент“ би можеле да следуваат директни разговори, но високата претставничка Каја Калас подоцна изрази противење, повикувајќи ја Русија да биде „сериозна“ и да направи отстапки како прв чекор.

„Работиме на зголемување на притисокот врз Русија, така што таа ќе премине од лажни преговори на вистински преговори“, кажа Калас. Додека се разгледуваат мировните разговори и безбедносните гаранции, европските престолнини ја преиспитуваат својата улога во процесот чиј исход би можел да ја редефинира безбедносната архитектура на континентот за идните генерации.

За некои, кампањата на бомбардирање на Русија, која ја остави Украина без струја на температури под нулата, е доволна причина да се држи Путин настрана. „Додека Русија не ги промени своите постапки и цели во агресијата против Украина, не е можно да се почне со разговори со неа, ниту пак треба да ѝ понудиме излез од изолацијата“, соопшти естонското Министерство за надворешни работи.

„Не смееме да ги повториме грешките што ги правевме додека ги обновувавме односите сè додека Русија не го смени курсот“, додадоа тие. За други, пак, Европејците мора сами да ја преземат иницијативата за да избегнат зависност од Белата куќа, која денес е главен посредник со Москва.

„ЕУ треба да размисли за назначување специјален пратеник за идните мировни преговори за војната на Русија во Украина“, изјави чешкото Министерство за надворешни работи за Јуроњуз. „Иако преговорите во моментов ги водат САД, Русија и Украина, има смисла да се размислува за улогата на Европа на долг рок за да се остане релевантен актер“.

Додека политичката дебата продолжува, Брисел подготвува нов пакет санкции против Русија. Пакетот треба да биде објавен во наредните денови, а да биде одобрен до четвртата годишнина од почетокот на војната на 24 февруари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ