четврток, 19 март 2026

Германија: Признавање на Палестина дури откако ќе се договори решение со две држави

Германија смета дека признавањето на палестинската држава треба да следува дури на крајот од преговарачкиот процес за решение со две држави, со што го повторува својот став како реакција на голем број земји кои одлучија да ја признаат Палестина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Договореното решение со две држави е патот кој може да им овозможи на Израелците и Палестинците да живеат во мир, безбедност и достоинство“, кажа германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред да замине за Њујорк, каде присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.

„За Германија, признавањето на палестинската држава би била крајна точка во процесот. Но, таквиот процес мора да започне сега“, додаде тој. Поради своето нацистичко минато, Германија е еден од најжестоките сојузници на Израел.

По речиси две години војна во Појасот Газа, Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера ја признаа Палестина, а се очекува Франција и други земји да го следат примерот денес во Њујорк.

Според Франс прес, најмалку 145 од 193-те земји-членки на ОН веќе ја признале државата Палестина, вклучувајќи ги Британија и Канада, кои станаа првите земји од Г7 што го сторија тоа. Само 46 земји моментално не ја признаваат Палестина, предводени од Соединетите Американски Држави и Израел.

До почетокот на војната во Газа, Западна и Северна Европа беа едногласни во своето непризнавање, со исклучок на Шведска од 2014 година. Норвешка, Шпанија, Ирска и Словенија го следеа минатата година примерот на Стокхолм.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ