Германија ќе бара сите мажи да се регистрираат за потенцијална воена служба од 1 јануари 2026 година, при што задолжителната служба ќе биде повторно воведена доколку бројот на доброволците не ги достигне целите поставени за исполнување на обврските кон НАТО.
„Доаѓа модерната воена служба,“ изјави Јенс Шпан, претседател на владејачката пратеничка група на ЦДУ/ЦСУ, во соопштение за медиумите.
„Ќе имаме поголема посветеност на доброволната служба; целта е да се воспостави обврзувачка патека на раст во законот со обврска за известување на секои шест месеци до германскиот Бундестаг.“
„За да знаеме заедно, како општество, каде се наоѓаме во растот на нашите вооружени сили за да можеме да се одбраниме,“ додаде Шпан.
Од 1 јануари, околу 700.000 млади луѓе родени во 2008 година или подоцна ќе бидат контактирани за да ја завршат својата регистрација и медицинските прегледи, изјави Шпан, додавајќи дека и жените ќе добијат писмо, но за разлика од мажите, тие не се обврзани да одговорат.
Федералниот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека често нагласувал дека Европа се угледува на Германија „не само во однос на парите, оружјето и набавките, туку и во однос на персоналот“.
По постигнатиот договор за воената служба, министерот за одбрана изјави дека е „многу уверен дека сè ќе функционира“, и уште еднаш ја нарече доброволната служба „привлечен“ концепт.
Ако потребниот број на регрутите не се постигне преку доброволната служба, со посебен закон ќе биде воведена задолжителна служба.
Лидерот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, објасни дека програмата има „во суштина две фази“, при што доброволната служба е првата.
„Убеди сме дека оваа доброволна фаза е доволна за да ја покрие потребата,“ изјави Мирш.
„Потоа, во законот постои и јасна одредба дека – во случај тоа да не се оствари – Бундестагот ќе мора да се зафати со ова од почеток и да спроведе законодавна постапка без предрасуди,“ објасни тој.
Писториус додаде дека, доколку би се вовела повторно задолжителната воена служба, за што Бундестагот веќе донесе одлука, би следувала „поголема постапка“.
„Ова значи дека постои цел спектар на критериуми што би се примениле при изборот на регрути во случај на задолжителна воена служба,“ изјави Писториус.
Во исто време, според информации на германскиот медиум Шпигл, коалициските партнери се согласиле дека во иднина сите мажи ќе подлежат на задолжителна воена служба. Овој чекор веќе беше најавен во почетокот на неделата.
Според актуелните планови, Министерството за одбрана смета дека ќе биде можно да се повикуваат цели генерациски групи од јули 2027 година. Први треба да бидат опфатени мажите родени во 2008 година, според зборовите на министерот од СПД.
Покрај тоа, се планира задолжителен онлајн-прашалник за мажите. Од 2026 година, тие ќе мора да дадат информации за здравјето, физичката подготвеност, образованието и нивната подготвеност да служат војска, доколку Бундестагот го усвои законот како што е планирано.
Жените и луѓето со небинарен родов идентитет ќе можат доброволно да го пополнат прашалникот.
Писториус редовно нагласува дека редовите на армијата мора пред сè да се зајакнат со доброволци. Според него, тоа е „консензусот“ меѓу коалициските партнери, составени од ЦДУ, ЦСУ и СПД.
ЦДУ/ЦСУ успеа да се избори нивното барање за задолжително зголемување на персоналот на Бундесверот да стане обврзувачко.
Писториус долго време го одбиваше ова, делумно затоа што СПД на својот партиски конгрес летово ја исклучи можноста за автоматски механизам за повторно воведување на задолжителната воена служба.
Според информации добиени од Шпигл од извори во владејачката коалиција, целите и таргетите до 2035 година сѐ уште не се дефинирани.
Ова ги вклучува бројките за персонал што мора да бидат усогласени со обврските на Берлин кон НАТО. Задолжителната регрутација нема да се спроведува преку лотарија.






