петок, 12 декември 2025

Германија ја обвини Русија за сајбер напад од 2024 и мешање во изборите

Германија официјално ја обвини Русија за сајбер напад врз системите за контрола на воздушниот сообраќај, како и за обид за влијание врз сојузните избори одржани претходно оваа година, поради што на разговор бил повикан и рускиот амбасадор, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека руската воена разузнавачка служба стои зад „сајбер нападот врз германската контрола на воздушниот сообраќај во август 2024 година“.

Истовремено, Русија е обвинета и за обид за влијание и дестабилизација на сојузните избори во Германија одржани во февруари оваа година.

Министерството за надворешни работи додаде дека Германија — во тесна координација со своите европски партнери — ќе одговори со контрамерки за Русија „да ја плати цената за своите хибридни дејствија“.

Од Русија засега нема официјален одговор на овие обвинувања.

Во изминатата година и Велика Британија и Романија ја обвинија Русија за мешање во нивните внатрешни работи, вклучително и таргетирање организации што обезбедуваат странска помош за Украина, како и на претседателските избори.

Портпаролот изјави дека сајбер нападот врз Германија од август 2024 година може да ѝ се припише на руската хакерска група „Фенси бер“.

„Нашите разузнавачки наоди докажуваат дека руската воена разузнавачка служба ГРУ ја сноси одговорноста за овој напад“, додаде тој.

Портпаролот на министерството истакна и дека сега е извесно оти Москва се обидела „да влијае и да ги дестабилизира и последните сојузни избори и тековните внатрешни процеси во Сојузна Република Германија“ преку кампања за дезинформации наречена „Сторм 1516“.

Според властите, кампањата делумно била насочена кон водечкиот кандидат на Зелените, Роберт Хабек, и водечкиот кандидат на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој сега е канцелар.

Германската влада соопшти дека безбедносните служби, само неколку дена пред изборите, откриле лажни видеоснимки со наводи за манипулација со гласачките ливчиња, како дел од руски напори за дезинформација.

Провајдерот за услуги за воздушна навигација во Германија потврди дека неговата канцелариска комуникација била хакирана во август 2024 година, но нагласи дека летовите не биле засегнати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ