Во Јапонија министерот за одбрана Борис Писториус и неговиот јапонски колега Шинџиро Коизуми разговарале во поморската база Јокосука, каде што е стационирана и Седмата флота на американската морнарица. Коизуми кажал дека денес е речиси невозможно поединечна земја сама да реагира на светските настани: „Важноста на тесната соработка меѓу земји кои го мислат истото како Јапонија и Германија е поголема денес од кога било“.
Писториус со задоволство ја прифатил идејата, порачувајќи: „Иако нашите земји се оддалечени 9.000 километри по воздушна линија, истото верување важи и за двете – силата на законот“. Двајцата министри ги нагласија вредностите кои ги делат нивните земји, како што се зачувувањето на меѓународното право и слободата на пловењето.
Вредности од историјата
Германија и Јапонија станаа вистински демократии дури по Втората светска војна. Пред тоа, нацистичка Германија ја опустоши пред сè Европа, а империјална Јапонија ја опустоши Азија. По 1945 година на војските на двете земји им беше доделена само секундарна улога во обете земји. Бундесверот е основан дури во 1955 година и се базира на концептот на „граѓани во униформа“, односно војници кои дејствуваат одговорно и не ги следат слепо наредбите. Јапонија усвои пацифистички устав и ја нарекува својата војска „сили за самоодбрана“. Двете земји добија безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави како најмоќна воена сила, вклучително и нуклеарен штит.
Меѓутоа, на почетокот на 21 век, многу работи се променија. Во 2022 година Русија започна агресивна војна против Украина. Растечките амбиции на Кина за доминација во Индо-Пацификот доведоа до значително вооружување на Јапонија. Веродостојноста на американската гаранција за безбедност е доведена во прашање откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година по втор пат.
Токио и Берлин реагираа на овие промени. Во 2022 година, тогашниот германски канцелар Олаф Шолц објави „пресвртница“, што подразбира поголеми инвестиции во војската.
Во последните години Јапонија постепено се оддалечува од својата пацифистичка уставна доктрина. Во 2022 година ја ревидираше својата национална стратегија за одбрана и безбедност. Јапонската премиерка Санае Такаичи сака да го измени членот 9 од јапонскиот устав, според кој Јапонија „засекогаш“ се откажува од војната. Исто така, планира да ги зголеми трошоците за одбрана на најмалку два проценти од бруто домашниот производ.
Безбедноста на Европа и Индо-Пацификот
Безбедноста на Европа е тесно поврзана со безбедноста на Индо-Пацификот, нагласија министрите за одбрана во воената база Јокосука. Два јапонски разорувачи беа видливи во позадината. Сепак, јасно е дека Германија и Јапонија, поради нивната географска оддалеченост и ограничените воени капацитети, можат да си обезбедат само ограничена меѓусебна поддршка во случај на криза.
Затоа воената соработка се фокусира на заеднички вежби на морнарицата, воздухопловните сили и медицинските служби. Договорот за набавка и меѓусебно сервисирање (АСЦА) им овозможува на армиите да се снабдуваат меѓусебно со гориво, опрема и материјали. Јапонија има договори АСЦА со осум земји, вклучувајќи ги, покрај Германија и САД, Австралија, Канада, Франција, Британија, Италија и Индија.
Соработка во вооружувањето
Германија бара и нови области за соработка. Министерот Писториус сака да разговара со Јапонија за хармонизација на производството и набавката на оружје. Безбедноста и одбраната не се само политичко прашање, туку и економско и социјално, кажа тој пред Јапонската комора за надворешна трговија: „Без безбедност нема просперитетна економија, а без економија нема безбедност“.

На патувањето го придружуваа директорите на шест германски компании од областа на воената индустрија. Германија сака повеќе. Досега, меѓу Европа и Јапонија постоеше само долгорочна соработка меѓу Ербас хеликоптерс и јапонската компанија Кавасаки хеви индустрис во областа на хеликоптерите. И ништо повеќе.
Исто така, има и историски причини. Смртоносното оружје произведено во Јапонија не смееше да се извезува долго време – до 2014 година. Овие правила постепено се ублажуваа од почетокот на војната во Украина. Сепак, военото производство во големите јапонски компании како што се Кавасаки или Мицубиши често сочинува само мал дел од вкупниот промет.
Долг пат до соработка
Со оглед на новата безбедносна ситуација, Јапонија бара нови партнери веќе неколку години – а Германија се појавува како еден од нив. Министерот Писториус постојано ја нагласуваше својата голема доверба во Јапонија, велејќи дека особено ја цени јапонската доверливост. Двете земји имаат силни индустрии и голем број високотехнолошки компании.
Германија уште во 2010 година ја класифицираше Јапонија како „партнер сличен на НАТО“, што овозможи широк спектар на извоз на оружје и тесна соработка во таа област. Од 2021 година на сила е и билатерален безбедносен договор, кој ја регулира размената на класифицирани информации, вклучително и оние поврзани со воената опрема. Дополнителни состаноци се планирани за 2026 година.
Министерот Писториус веќе двапати ја посети Јапонија од 2023 година. Останува неизвесно дали ова ќе биде доволно за посилно вклучување на приватниот сектор. Сепак, двете влади покажуваат решителност во насока на посилна соработка. Во овој контекст, Писториус верува дека постои „многу поголем потенцијал“.






