Јохан Вадефул го кажа ова пред патувањето во Израел и на палестинските територии, кое Берлин го претстави како мисија за утврдување факти, во услови на сѐ поголема загриженост поради гладувањето на населението во Газа.
Неговите зборови се најострото предупредување на Германија до Израел досега, додека западните земји го зголемуваат притисокот, објавува Ројтерс. Изминативе недели Велика Британија, Канада и Франција сигнализираа дека се подготвени да признаат палестинска држава на териториите окупирани од Израел, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
Но критичарите велат дека одговорот на Германија и натаму е премногу претпазлив, обликуван од трајното чувство на историска вина за холокаустот и поттикнат од произраелското расположение во влијателните медиумски кругови, што ја ослабува способноста на Западот колективно да врши значителен притисок врз Израел, според Ројтерс.
Вадефул го повтори ставот на Германија дека одржливо решение за војната во Газа може да се постигне само преку преговори за формирање две држави – при што Палестина би постоела во мир крај Израел.
„Во контекст на отворените закани за анексија од делови од израелската влада, сè поголем број земји, вклучувајќи многу во Европа, сега се спремни да ја признаат палестинската држава дури и без претходен процес на преговори. Регионот и мировниот процес на Блискиот Исток се на пресвртница“, рече Вадефул.
„Тој процес мора да почне сега. Доколку се преземат еднострани чекори, и Германија ќе биде принудена да одговори.“
Коалицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вклучува две крајно десничарски партии што се залагаат за целосна окупација на Газа и обнова на еврејските населби во енклавата. Двајца министри, исто така, вчера ја поддржаа анексијата на Западниот Брег.
Бројот на жртвите за речиси двегодишната војна меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас оваа недела надмина 60.000. Сè повеќе цивили умираат од глад и неухранетост, додека сликите од гладни деца го шокираа светот и ги засилија критиките за израелските ограничувања на пристапот до хуманитарна помош.
Германија, заедно со Соединетите Американски Држави, долго време е еден од најлојалните сојузници на Израел и негов најголем снабдувач со оружје.
Германските претставници велат дека нивниот пристап кон Израел е воден од посебно чувство на одговорност, познато како „staatsraison“, кое произлегува од наследството на нацистичкиот холокауст. Тие тврдат дека можат да постигнат повеќе преку дипломатски канали зад сцената отколку преку јавни изјави.
Произраелски германски медиуми
Најголемата медиумска куќа во Германија, „Аксел Шпрингер“, која го издава најтиражниот дневен весник Билд, како и други публикации како што се Велт и Политико, во своите основни корпоративни принципи има јасна посветеност на поддршката на Израел, вели Ројтерс.
Оваа клаузула ја обврзува „Аксел Шпрингер“ и нејзините вработени да се придржуваат кон произраелската уредувачка политика.
На пример, „Билд“ во четвртокот објави статија во која ја осудува „кампањата на глад“ против Израел и потезите на западните земји да го зголемат притисокот врз земјата, велејќи дека тие ја продолжиле војната во Газа со тоа што го охрабрувале Хамас да ги напушти преговорите за прекин на огнот. Весникот ја пофали Германија што не го сторила тоа.
Во друга статија истиот ден, како што објави Ројтерс, „Билд“ ја осуди „кампањата насочена кон морално уништување на Израел“.
Канцеларот Фридрих Мерц долго време е произраелски настроен. Тој во февруари изјави дека ќе најде начин Нетанјаху да ја посети Германија без да биде уапсен по налог на Меѓународниот кривичен суд.
Но тонот во Берлин во последните недели се промени, заедно со промената на јавното мислење. Според анкета објавена на 4 јуни, 63 проценти од Германците рекле дека воената кампања на Израел во Газа отишла предалеку.
Во понеделникот Мерц изјави дека сега се на маса мерки како што е суспендирање на договорот ЕУ-Израел за да се зголеми притисокот врз земјата поради „катастрофалната“ ситуација во Газа.
Европската комисија во понеделникот предложи да се ограничи пристапот на Израел до водечката програма за финансирање на истражувања, но предлогот сè уште нема доволна поддршка за да помине, а позицијата на влијателната Германија е особено неизвесна.
Португалија претпазливо се движи кон признавање на палестинската држава
Централно-десничарската влада на Португалија ќе се консултира со главните политички партии и конзервативниот претседател Марсело Ребело де Соза за евентуалното признавање на палестинската држава, изјави вчера премиерот Луиш Монтенегро.
За разлика од соседна Шпанија, чија левичарска влада ја призна палестинската државност во мај 2024 година заедно со Ирска и Норвешка, и ги повика другите членки на ЕУ да го сторат истото, Португалија зазеде повнимателен став, наведувајќи дека сака прво да усогласи заеднички став со другите земји од ЕУ.
„Владата одлучи да започне консултации со претседателот и политичките партии претставени во парламентот, со цел да се разгледа признавањето на палестинска држава во процес што би можело да биде заклучен… за време на Генералното собрание на ОН во септември“, се вели во соопштението на Монтенегро.
Околу 144 од 193-те членки на ОН ја признаваат Палестина како држава, вклучувајќи ги повеќето земји на глобалниот југ, како и Русија, Кина и Индија.
Сепак, само мал број од 27-те членки на ЕУ – претежно поранешни комунистички земји, како и Шведска и Кипар – го сторија тоа.
Генералното собрание на ОН го одобри де факто признавањето на суверената држава Палестина во ноември 2012 година, подигнувајќи го нејзиниот статус на набљудувач во светското тело од „ентитет“ во „држава нечленка“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ги поздрави чекорите кон признавање на палестинска држава.
„Сметаме дека неодамнешните хуманитарни реакции што доаѓаат од Европа, особено од Франција и Велика Британија, се многу значајни. Го поздравуваме секој чекор што води кон признавање на палестинска држава“, рече Ердоган.






