петок, 3 април 2026

Германците незадоволни од владата, Мерц никогаш не бил понепопуларен

Популарноста на германскиот канцелар Фридрих Мерц е на историски ниско ниво, а незадоволството на граѓаните од работата на владата достигнало рекордни нивоа. Според најновото истражување на јавното мислење, дури 84 проценти од Германците се незадоволни од работењето на владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ и СПД, што е највисоко откако се на власт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мерц, кој по доаѓањето на функцијата во 2025 ветуваше „есен на реформи“, не ги исполни очекувањата, а политичката стагнација сега го зема својот данок. Неговата политика моментално ја поддржуваат само 21 процент од граѓаните, додека поддршката за вицеканцеларот Ларс Клингбаил паднала на само 18 проценти. Овој пад на довербата се одразува и на рејтингот на партиите – владејачкиот блок повеќе нема сигурно мнозинство, додека десничарската Алтернатива за Германија (АфД) расте и се приближува кон лидерите, пишува Дојче веле.

Економската состојба дополнително го влошува расположението на гласачите. По неколку години рецесија и стагнација, германската економија се соочува со нов удар поради војната во Иран и зголемувањето на цените на енергенсите. Дури 70 проценти од граѓаните не веруваат дека владата може да ја поправи економијата, додека мнозинството верува дека даночниот товар е веќе превисок.

Планираните реформи, кои вклучуваат даночни промени, економски стимулации и дерегулација, наидоа на мешани реакции. Граѓаните силно го поддржуваат полесното вработување на странски работници, но ги отфрлаат зголемувањето на даноците и намалувањето на социјалните бенефиции. Во исто време, 76 проценти од анкетираните поддржуваат поголемо оданочување на богатите и олеснување за средната и пониската класа.

Посебен проблем се пензискиот и здравствениот систем, кои се под притисок од стареењето на населението. Дури 74 проценти од граѓаните не веруваат дека владата ќе успее да ја обезбеди нивната долгорочна одржливост.

И покрај најавите за реформи, довербата во владата продолжува да опаѓа, а како што покажува анкетата, граѓаните сè помалку веруваат дека ситуацијата наскоро ќе се подобри. Според аналитичарите, Германија е во момент на длабоко политичко и економско незадоволство, додека владата се обидува да ја врати контролата врз сè понезадоволниот електорат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ