недела, 14 декември 2025

Генералното собрание на ОН поддржува идна палестинска држава, без Хамас

Генералното собрание на Обединетите нации денес со големо мнозинство ја усвои Њујоршката декларација, чија цел е да му се даде нов импулс на решението за две држави за Израел и Палестина, но недвосмислено исклучувајќи го Хамас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека Израел речиси две години ги обвинува Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН зашто не ги осудија нападите на палестинското движење од 7 октомври 2023 година, текстот подготвен од Франција и Саудиска Арабија, усвоен со 142 гласа „за“, 10 „против“ (вклучувајќи ги Израел и САД) и 12 „воздржани“, е јасен.

„Ги осудуваме нападите извршени од Хамас на 7 октомври врз цивили“ и „Хамас мора да ги ослободи сите заложници“ што ги држи во Газа, се наведува во текстот.

Декларацијата, која веќе беше потпишана во јули од 17 земји, вклучувајќи неколку арапски земји, за време на првиот дел од конференцијата на ОН за решението за две држави, оди уште подалеку.

„Во контекст на завршување на војната во Газа, Хамас мора да престане да ја спроведува својата власт над Појасот Газа и да ѝ го предаде своето оружје на Палестинската самоуправа, со поддршка и соработка на меѓународната заедница, во согласност со целта за суверена и независна држава Палестина“, се наведува во текстот.

„Денот 12 септември ќе се памети како ден на конечната меѓународна изолација на Хамас“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро на јавното радио Франс ентер непосредно пред денешното гласање.

Според извор од француското претседателство, декларацијата треба да се смета за основа за самит на кој Париз и Ријад ќе бидат копретседатели на 22 септември во ОН во Њујорк, каде што претседателот Емануел Макрон вети дека ќе признае палестинска држава.

„Важно е Генералното собрание конечно да поддржи текст што директно го осудува Хамас“, дури и ако Израелците ќе кажат дека „е премалку и предоцна“, нагласи Ричард Гован од Меѓународната кризна група.

Благодарение на овој текст, земјите што ги поддржуваат Палестинците ќе можат да „ги отфрлат израелските обвинувања дека имплицитно го поддржуваат Хамас“, изјави Гуван за Франс прес.

Тој додаде дека текстот „нуди штит од критики кон Израел“ за оние што се подготвуваат да признаат палестинска држава.

По примерот на претседателот Макрон, неколку земји ја објавија својата намера да го сторат тоа во текот на неделата на Генералното собрание на ОН, која започнува на 22 септември.

Процесот се смета за дополнителна алатка за притисок врз Израел да ја прекине војната во Појасот Газа, која започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Њујоршката декларација исто така повикува на „крај на војната во Газа и праведно, мирно и трајно решение за израелско-палестинскиот конфликт, врз основа на вистинска имплементација на решението за две држави“.

Ова е добро позната позиција на Генералното собрание на ОН.

Во врска со идниот прекин на огнот, се споменува и распоредувањето на „привремена меѓународна стабилизациска мисија“ во Газа, под мандат на Советот за безбедност на ОН, со цел да се заштити населението, да се поддржи градењето на капацитетите на палестинската држава и да се обезбедат „безбедносни гаранции за Палестина и Израел“.

Околу три четвртини од 193-те земји-членки на ОН ја признаваат палестинската држава, која беше прогласена од палестинското раководство во егзил во 1988 година.

Но по речиси две години војна во опустошениот Појас Газа, проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и обидите на израелските претставници да ја анектираат оваа окупирана територија, расте стравот дека создавањето палестинска држава е физички невозможно.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера беше категоричен.

„Нема да има палестинска држава“, кажа тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ