Резолуцијата, усвоена со 116 гласа „за“, два против (Соединетите Американски Држави и Израел) и 12 воздржани, „изразува длабока загриженост за сериозното, постојано, широко распространето и систематско угнетување на сите жени и девојчиња во Авганистан“ од страна на Талибанците, кои воспоставија „институционализиран систем на дискриминација, сегрегација, негирање на човечкото достоинство и исклучување на жените и девојчињата“.
Земјите членки посебно ја повикаа владата на талибанците „брзо да ги поништи“ некои од своите политики, особено законот за ширење доблести и спречување на пороци „кој ги проширува веќе неподносливите ограничувања на човековите права на жените и девојчињата и основните индивидуални слободи на сите Авганистанци“.
Резолуцијата, исто така, ги поздравува разговорите во Доха што ги започна ОН во 2023 година за координирање на пристапот на меѓународната заедница кон талибанските власти, дискусии во кои претставници на авганистанската влада учествуваа за прв пат во јули 2024 година.
Во овој контекст, текстот го повикува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да „назначи координатор кој ќе овозможи покохерентен, координиран и структуриран меѓународен пристап“.
Соединетите Американски Држави, кои гласаа против резолуцијата, го отфрлија овој ангажман со талибанците. „Речиси четири години откако талибанците ја презедоа власта, ние продолжуваме да ги водиме истите разговори и да разговараме со истите таканаречени талибански лидери за да ја подобриме ситуацијата во Авганистан без да бараме резултати од нив“, кажа американскиот претставник Џонатан Шрајер на седницата.
„Соединетите Американски Држави повеќе нема да го толерираат нивното презирно однесување“, додаде тој.
Талибанците се вратија на власт во 2021 година откако ја соборија владата поддржана од Западот и наметнаа строга верзија на исламскиот закон врз авганистанскиот народ.
Минатата недела, Русија официјално стана првата земја што ја призна владата на талибанците.