Шефот на Газпром ја објави изградбата на новиот гасовод денес во Пекинг, по разговорите меѓу лидерите на Русија, Кина и Монголија, пренесува руската новинска агенција Интерфакс.
„Врз основа на јавната изјава на лидерите на три земји, Русија, Кина и Монголија, денес беше потпишан правно обврзувачки меморандум за изградба на гасоводот Силата на Сибир 2 и транзитниот гасовод Сојуз-Восток низ територијата на Монголија“, изјави Милер за новинарите.
Проектот ќе овозможи испорака на 50 милијарди кубни метри руски гас годишно преку транзитниот гасовод низ Монголија, додаде шефот на Газпром.
Русија ќе испорачува гас на Кина според новиот договор во период од 30 години. Исто така, беше постигнат договор за испораки на поголеми количини гас преку гасоводот Силата на Сибир, од 38 милијарди кубни метри годишно до 44 милијарди, кажа Милер.
На прашањето која ќе биде валутата за плаќање, Милер одговори дека „може да каже во кои валути му се плаќа во моментов, половина во рубли и половина во јуани“. Цената на гасот за Кина е објективно пониска отколку за Европа поради пократката дистанца на транспорт, додаде шефот на Гаспром.
Русија започна да извезува гас во Кина преку гасоводот Силата на Сибир во 2019 година, врз основа на долгорочен договор за продажба помеѓу Гаспром и кинескиот нафтен и гасен гигант ЦНПЦ.
Заклучно со 2020 година, извозот на руски гас ги надмина годишните договорни обврски и достигна 31,12 милијарди кубни метри минатата година. Дневните испораки го достигнаа максималното договорено ниво од 38 милијарди кубни метри годишно на 1 декември 2024 година, еден месец порано од планираното. Во првите осум месеци од оваа година, Газпром го зголеми извозот на гас во Кина за 28 отсто.






