Володимир Зеленски, рекле дипломатите, немал друг избор освен да ја прифати поканата на Владимир Путин за преговори во Истанбул в четврток, поради страв да не го навреди Трамп. Трамп вчера рече дека можеби ќе се приклучи на разговорите меѓу Русија и Украина во Турција в четврток. Трамп, кој во наредните денови ќе ги посети Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, рече: „Мислам дека би можеле да добиете добар резултат од средбата во Турција в четврток меѓу Русија и Украина“.
„Размислував да одлетам таму. Не знам каде ќе бидам в четврток. Имам толку многу состаноци, но размислував навистина да одлетам таму. Постои можност за тоа, претпоставувам, ако мислам дека нешто може да се случи, но мораме да го завршиме тоа“, им рече тој на новинарите во Белата куќа. Тој, исто така, рече дека верува оти двајцата лидери ќе бидат во Истанбул и нагласи дека турскиот претседател Таип Ердоган е „добар домаќин“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави можноста за учество на Трамп во преговорите и изрази надеж дека Путин „нема да ја избегне средбата“.
„Сите ние во Украина би ценеле кога претседателот Трамп би можел да биде со нас на тој состанок во Турција. Тоа е одлична идеја. Можеме многу да промениме“, порача Зеленски на платформата Икс. Тој додаде дека „Ердоган навистина може да биде домаќин на состанок на највисоко ниво“.
Путин во неделата понуди разговори за да избегне отуѓување од американскиот претседател и да го ублажи зголемениот европски притисок врз Трамп да воведе построги санкции. По понудата на Путин, Трамп јавно му порача на Зеленски да прифати, на што украинскиот лидер се согласи под услов Путин лично да присуствува на разговорите.
Кремљ вчера соопшти дека Путин е сериозен за воспоставувањето мир преку преговори, но неговиот портпарол рече дека не може да даде повеќе информации и не прецизираше дали рускиот лидер лично ќе присуствува на состанокот во Турција.
„Ние сме посветени на сериозна потрага по начини за воспоставување долгорочно мирно решение“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакнувајќи дека многу лидери го поздравиле пристапот на Путин.
Тој ги наведе позитивните реакции од Трамп, Ердоган, како и од земјите на БРИКС и државите од поранешниот Советски Сојуз.
Путин и Зеленски се немаат сретнато од декември 2019 година и не ја кријат меѓусебната нетрпеливост, потсетува Ројтерс.
Предлогот на Путин за директни преговори со Украина дојде неколку часа откако големите европски сили побараа во саботата во Киев Путин да се согласи на безусловен 30-дневен прекин на огнот или ќе се соочи со „масивни“ нови санкции.
Германската влада вчера објави дека европските земји ќе почнат да подготвуваат нови санкции против Русија доколку Кремљ до синоќа не почне да го почитува 30-дневниот прекин на огнот.
„Јазикот на ултиматумот е неприфатлив за Русија, не е соодветен. Не можете да користите таков јазик со Русија“, рече Песков.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска за прв пат отпатуваа за Киев заедно за да го истакнат својот повик за 30-дневен прекин на огнот. Целта на посетата на Кир Стармер, Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Доналд Туск беше да се изврши притисок врз Трамп да признае дека Путин одолговлекува и дека САД немаат друга политичка опција освен воведување строги економски санкции против Русија.
Сепак, Гардијан посочува дека Путин, нудејќи преговори во Истанбул, на некој начин ги надиграл европските лидери и во најмала рака успеал да ги одложи дополнителните санкции од САД, кои не само што ќе имаат економско влијание, туку ќе носат и политичка симболика, бидејќи тие ќе значат дека Трамп признава дека Путин бил главната пречка за постигнување договор.
Европските лидери, кои вчера се состанаа во Лондон, чекаат да видат дали Путин лично ќе отпатува во Истанбул за да разговара со Зеленски, лидер што не го признава за легитимен.
На претходната рунда преговори во Турција во 2022 година, руската делегација ја предводеше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Присуството на Путин може да биде знак дека тој признава дека е под вистински притисок од Трамп, посочува Гардијан.
Марко Рубио, американскиот државен секретар, исто така в четврток ќе престојува во Турција на неформален самит за севкупните трошоци за одбраната на НАТО. Се очекува и некои европски претставници да бидат во Истанбул за да се осигурат дека украинскиот преговарачки тим е подготвен за потенцијално клучни преговори за кои, релативно кажано, имаше мала подготовка.
Доколку се создаде впечаток дека Путин го одложува прекинот на огнот или ако преговорите во Истанбул не успеат, целта ќе биде повторно да се сврти вниманието на Трамп и да се убеди да признае дека Путин не е заинтересиран за праведен мир, туку само за капитулација на Украина.
Европските министри за надворешни работи јавно се обидоа да го минимизираат значењето на интервенцијата на Трамп, продолжувајќи да инсистираат дека не може да има вистински преговори без целосен прекин на огнот.
Новиот германски министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, вчера изјави: „Јасно беше истакнато дека на почеток има прекин на огнот. Украина е подготвена за тоа. Германија сега очекува Русија да се согласи на прекин на огнот, а потоа да биде подготвена за преговори“.
Уште од неговиот катастрофален јавен судир со Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс во Овалната соба, Зеленски ја насочи својата стратегија кон тоа колку што е можно да ги исполнува Трамповите барања, плашејќи се дека, ако не го стори тоа, Трамп ќе ја секне американската поддршка за Украина, што досега не се случи.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Украина „погрешно ја протолкувала“ изјавата на Путин. Таа за државната новинска агенција Тасс изјави дека „Путин тоа го кажа многу јасно: прво преговори за првичните причини (за војната), а потоа разговор за прекинот на огнот“.
Руските барања вклучуваат забрана за членство на Украина во НАТО и признавање на Путиновата анексија на четири југоисточни региони, како и ставање крај на западната воена поддршка за Киев.