„Демонстрантите заслужуваат поголема поддршка и солидарност од ЕУ отколку што добиваат. Автократ и циник, Вучиќ е малигно присуство во политиката на Западен Балкан“, коментира уредничкиот текст на Гардијан.
Во текстот се наведува дека Вучиќ долго време негува „подмолна и дестабилизирачка етнон-ационалистичка агенда“ надвор од границите на Србија во врска со Косово и Република Српска, а дека дома „сè повеќе станува закана за демократијата“ и дека неговиот повик за дијалог е задоцнет.
Европските лидери ова лето се фокусираа на шатл-дипломатијата со американскиот претседател Доналд Трамп околу трговијата и Украина, додека „дискретно молчеа“ за уште една криза во источна Европа, според Гардијан, додавајќи дека Брисел во голема мера одлучил да гледа на друга страна откако започнаа протестите пред девет месеци.
Британскиот весник пишува дека демонстрациите, меѓу најголемите во историјата на Србија, брзо прераснале од протест поради трагедијата во Нови Сад, која „во голема мера се припишува на корупцијата предводена од владејачката Српска напредна партија на Вучиќ“, во движење за демократски реформи, и дека студентите сега бараат предвремени избори и „нова ера на транспарентност и одговорност во земјата што останува кандидат за членство во ЕУ“.
„Како што растеа гневот и фрустрацијата на улиците, одговорот на Вучиќ стануваше сè подраконски. Неосновано тврдејќи дека странските агитатори бараат „увезена револуција“, претседателот започна безмилосна репресија врз групите на граѓанското општество кои добиваат финансирање од странство“, пренесува Гардијан.
Се додава дека во август, „оркестрирани толпи“ нападнале демонстранти на улиците и наводно ограбиле бизниси во сопственост на противниците на Вучиќ, како и дека имало многу пријави за полициска бруталност.
Авторитарниот одговор на протестите придонесе за опаѓање на довербата на јавноста во лидерот „кој ја искористи моќта на државата за да ги оствари своите политички интереси“, пишува Гардијан, потсетувајќи на оценката на ОБСЕ дека минатогодишните парламентарни избори беа обележани со медиумска пристрасност и употреба на државни ресурси за влијание врз гласачите.
Гардијан оценува дека ЕУ има значително економско влијание што може да го искористи доколку сака, посочувајќи дека ЕУ обезбедува повеќе од 60 отсто од странските директни инвестиции во Србија и дека до 2027 година ветила 1,6 милијарди евра доколку ги исполни реформите.
„Но, Брисел не сака да види како земјата дополнително се лизга во руската орбита и, како последица на тоа, ја ублажува секоја критика кон Вучиќ“, пишува Гардијан.
Вучиќ, од своја страна, додава весникот, „лукаво балансира“ на геополитичката сцена, испраќајќи оружје во Украина преку трети страни, како и во Москва, и гарантирајќи ѝ на ЕУ пристап до значајните резерви на литиум во Србија.
Повикот на Вучиќ до демонстрантите за дијалог дојде предоцна, наведува Гардијан и додава дека на Србија и се потребни слободни и фер избори за да се врати бавното движење кон автократија во изминатата деценија.
„Во време кога либералните вредности на ЕУ се доведуваат во прашање во Вашингтон, како и во Москва и Пекинг, Унијата мора многу поенергично да се залага за нив во борбата за демократски реформи што се води веднаш надвор од нејзините граници“, заклучува Гардијан.






