недела, 7 декември 2025

Гардијан: Европските лидери сè поблиску до договор за заем за Украина од замрзнатиот руски имот

Европските лидери, вклучувајќи ја и Велика Британија, се сè поблиску до постигнување договор до крајот на годината за одобрување на заем за Украина во износ од 140 милијарди евра, кој би бил гарантиран со средствата од замрзнатите девизни резерви на Централната банка на Русија, што се смета за клучно за продолжување на одбранбените напори на Киев, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Предлогот на Европската комисија беше разгледуван минатата недела на состанокот на министрите за финансии на Г7 во Вашингтон, а темата ќе биде разгледана и на самитот на лидерите на Европската унија во четврток во Брисел, додека учеството на Соединетите Американски Држави во таа иницијатива е сè уште неизвесно.

Во нацрт-заклучоците од самитот на ЕУ, во кои имал увид Гардијан, лидерите во четврток би требало да повикаат на изработка на детален план кој би бил во согласност со меѓународното право и со соодветна европска солидарност и споделување на ризикот.

Планот се базира на тоа средствата да останат замрзнати, а Европската комисија предлага да се примени механизам од договорот на ЕУ, со кој би се избегнало правото на вето на одредени членки, како што е на Русија наклонетата Унгарија, при продолжувањето на санкциите кои овозможуваат замрзнување на средствата.

Сепак, адвокатите во Советот на ЕУ изразија сомнежи во врска со легалноста на тој механизам, бидејќи режимот на санкции би се префрлил од едногласно донесување одлуки на мнозинство.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека верува оти прашањето за користење на замрзнатиот руски имот „во корист на жртвата на агресија“ се движи кон „среќен исход“, додавајќи дека е можен договор до крајот на годината.

„Многу е едноставно или ќе ги користиме парите на агресорот, или ќе мора да ги користиме нашите пари. Не ме прашувајте што повеќе преферирам, кажа Сикорски.

Според планот на Европската комисија, презентиран во документ на две страни, ЕУ би ѝ доделила на Украина бескаматен заем од 140 милијарди евра, врз основа на приходите и гаранциите од замрзнатите руски средства кои ги држи финансиската институција Еуроклиар со седиште во Брисел.

Кредитот би бил структуриран така што, на крајот од војната, Русија би ги користела замрзнатите средства за плаќање воени репарации, а висок функционер на ЕУ истакна дека не станува збор за конфискација, туку за кредит со очекување на надомест,.

Белгија, која има дури 183 милијарди евра замрзнати руски средства, бара јасни гаранции дека нема сама да го носи финансискиот товар доколку планот не успее и предизвика правни спорови.

Брисел истакнува дека другите членки на Г7 треба да се приклучат со слични мерки за поддршка на Украина. Британската министерка за финансии Рејчел Ривс го разгледала предлогот со колегите од Г7 за време на состанокот во рамките на годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд, а планот предвидува дека членовите на Г7 ќе ја гарантираат исплатата на кредитот со цел да ѝ ги обезбедат потребните гаранции на Белгија.

Портпаролот на британската влада изјави дека Г7 останува обединета во ставот дека е потребно да се продолжи со притисокот врз претседателот на Русија Владимир Путин за да се врати на преговарачката маса, како и во барањето нови начини за финансирање на украинската одбрана преку користење на вредноста на рускиот државен имот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ