петок, 23 јануари 2026

Функционер на ОН бара од Иран да ја прекине репресијата и да ги суспендира смртните казни

„Ги повикувам иранските власти да се преиспитаат, да се повлечат и да ја прекинат својата брутална репресија, вклучително и судењата по итна постапка и несразмерните казни. Повикувам на итно ослободување на сите оние што иранските власти произволно ги притвориле и повикувам на целосен мораториум на смртната казна“, изјави Фолкер Тирк во почетокот на итниот состанок на Советот на ОН за човекови права за состојбата во Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права денес побара од иранските власти да „ја прекинат својата брутална репресија“ врз демонстрантите и да ги суспендираат смртните казни, соопшти Канцеларијата на високиот комесар.

Тирк наведе дека репресијата создава услови за „понатамошни кршења на човековите права, нестабилност и крвопролевање“ и додаде дека постојат видеоснимки што наводно прикажуваат „стотици тела во мртовечници, со смртоносни повреди на главата и градниот кош“.

„Илјадници луѓе, вклучително и деца, беа убиени за време на репресијата, која се интензивираше на 8 јануари, со употреба на боeва муниција од страна на безбедносните сили против демонстрантите. Точните факти тешко се проверуваат поради прекините во комуникациите, кои исто така започнаа на 8 јануари, и затоа што немаме пристап до Иран“, изјави Тирк.

Тој наведе дека во Иран постои „долга историја на насилна репресија од страна на иранските власти“ и дека претходната била во 2022 година, по смртта на демонстрантката Џина Махса Амини во притвор, по што ОН наложија формирање Мисија за утврдување на фактите за Иран.

„Неодамнешните протести беа предизвикани од вртоглавиот раст на цените, во контекст на сериозна економска криза, влошена од политиките на властите и влијанието на странските санкции. Потоа тие прераснаа во трајни барања за политички, општествени и економски реформи“, наведе Тирк, додавајќи дека првичните конструктивни предлози властите брзо ги заменија со репресија.

„Единствениот излез од оваа застрашувачка ескалација е дијалог заснован на човековите права на сите Иранци“, рече високиот комесар на ОН за човекови права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ