четврток, 18 декември 2025

ФТ: Трамп и границите на британското ласкање (ВИДЕО)

„Сигурен сум дека ќе можеме да се согласиме ако не се обиде да ме облее со ласкање“, рече Хари С. Труман за Винстон Черчил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ласкањето стана лубрикант на Велика Британија во нејзиниот однос со САД, познат како „специјален однос“, откако Черчил ја презеде функцијата во 1940 година, објавува Фајненшл тајмс (ФТ).

Тоа е и омилената алатка на Кир Стармер – што и добро му оди, бидејќи Доналд Трамп не е Труман. Со Трамп, ласкањето е задолжително, иако не те носи многу далеку.

И тогаш дали вреди?

Тоа прашање беше поставено во земји како Канада и Индија, кои беа најтешко погодени од таканаречените „реципрочни“ царини на Трамп и тие сè уште не сфаќаат зошто.

Велика Британија беше првата земја што постигна трговски договор со Трамп, и тоа со најниска царина од 10 проценти. Самиот тој факт може да се смета за мал дипломатски успех.

Стармер оваа недела би можел да добие и ослободување од данок за шкотското виски.

Во таа смисла Велика Британија би можела да ја оправда својата стратегија за додворување на Трамп.

Но има нешто чудно во „специјалниот однос“ во кој „избегнувањето куршуми“ се смета за победа.

Велика Британија, исто така, се чини дека е збунета околу значењето на „англофилијата“ на Трамп. Трамп ја сака Велика Британија на истиот начин како што ја презира Африка. Некои земји, во неговите очи, се „посра*и дупки“ (shitholes), додека други не се.

Се чини дека Велика Британија е високо рангирана во таа втора група.

Приврзаноста на Трамп кон Обединетото Кралство во голема мера се објаснува со неговото сопствено потекло – неговата мајка била Шкотланѓанка. Тој е исто така фасциниран од класата што ја претставува монархијата. За него, престојот во замокот Виндзор е врвот на статусот на еден „инсајдер“.

Тоа што Трамп е првиот американски претседател што добил две државни посети на Велика Британија е исто така нешто со што треба да се пофали.

Ричард Никсон не доби ниту една. Роналд Реган – само една.

Стармер ја нагласи таа „невидена чест“ кога му ја врачи на Трамп кралската покана во февруари.

Но љубовта кон британското кралско семејство не треба да се меша со почитувањето на политичкиот систем на земјата.

Трамп, исто така, ги обожава монархиите од Персискиот Залив – и тоа многу кажува за него, верува ФТ.

ФТ прави споредба со Катар, кој може да му понуди на Трамп подароци и привилегии што Велика Британија не може – луксузен авион боинг како подарок, стотици милијарди долари во американски инвестиции, да биде домаќин на најголемата американска воена база на Блискиот Исток, дипломатско посредништво што би можело да му донесе на Трамп Нобелова награда за мир.

Сепак, дури ни тоа не ги спречи ракетните напади на Израел врз Катар минатата недела.

Трамп тврдеше дека нема сознанија за нападите – што останува под прашалник.

Кратковидоста на Велика Британија е во тоа што не гледа подалеку од непосредното олеснување, што успеале да го смират Трамп.

Во март, канадскиот премиер Марк Карни изјави: „Ние сме господари во својата куќа“.

Канадскиот лидер потоа тврдеше дека американскиот глобален економски поредок е минато и дека Канада треба да изгради нови односи.

Индискиот премиер Нарендра Моди неодамна зборуваше за „повеќекратно координирана“ надворешна политика.

Обата пристапи се форми на осигурување – начин да се ублажи гневот на Трамп денес, да се создаде простор за долгорочни односи со другите.

Досега, нема многу знаци дека Стармер планира нешто такво.

Трамп ќе му биде благодарен на кралот, а не на премиерот.

Фајненшл тајмс потсетува дека Трамп всушност не ги дели вредностите со Стармер, туку со Најџел Фараж, лидерот на Британската реформска партија – и човекот што го сака местото на Стармер.

Како Британија го пречекува Трамп?

Минатиот викенд, кралското семејство дури објави и деветминутно видео на својот официјален Јутјуб канал, прикажувајќи го „огромното количество планирање, стручност и труд“ што кралските градинари, готвачи и воени музичари го вложуваат во државните посети.

Дводневната агенда на Трамп почна со церемонијално возење со кочија низ дворецот Виндзор, во придружба на коњичката гарда, како дел од целосниот церемонијален пречек.

Од источниот тревник на замокот, претседателот и првата дама го гледаа прелетот на тимот на Кралските воздухопловни сили – Црвени стрели, како и воената церемонија позната како „церемонијално повлекување“ (beating retreat, свечен марш со воена музика и знамиња, кој првично означувал повлекување на трупите во камповите на крајот од денот) – ништо од ова никогаш порано не било дел од државна посета.

Потоа следува банкет во салата „Сент Џорџ“, со здравици и говори.

По правило, целата помпезност и свеченост на кралскиот пречек – почесната гарда, коњаничкиот оркестар, најфиниот прибор за јадење во палатата – е строго за државните посети, што ја прави една од најмоќните алатки на британската дипломатија. И, досега, државните посети беа ограничени од едно друго непишано правило: американските претседатели во вториот мандат не ги добиваат.

Кога Барак Обама го посети замокот Виндзор во 2016 година, тој и Мишел патуваа во обичен црн „ренџ ровер“, пречекани само од неколку кралски гардисти пред приватниот ручек со кралицата Елизабета II и принцот Филип. Осум години претходно, неговиот претходник, Џорџ В. Буш, помина со попладневен чај и брза обиколка на палатата. Но ниту еден од нив не ги ценеше кралските церемонии, раскошот и кралските асоцијации како Доналд Трамп.

Оваа недела, претседателот и првата дама Меланија Трамп ќе станат единствени исклучоци од правилото откако кралот Чарлс III ги покани на втора државна посета без преседан. Тоа ќе биде само четвртото вакво добредојде некогаш упатено кон американски лидер, што значи дека Трамп е заслужен за точно половина од нив.

Оваа комбинација од луксуз од стариот свет и воена демонстрација сигурно ќе му се допадне на претседателот. Видливите статусни симболи се важни за Трамп, потсетува Си-ен-ен.

Всушност, кралската парада во средата изгледа како вид прием што тој сонува да го добие дома.

„Го разгалуваме. Тој немаше ни да дојде во Британија ако немаше можност да престојува во замокот Виндзор, веројатно да ѝ оддаде почит на (покојната) кралица и да се сретне со кралот“, рече Роберт Лејси, кралски историчар.

Британскиот медиум, исто така, нагласува како круговите на МАГА ја гледаат Британија.

Иако Илон Маск се скара со претседателот, минатата сабота тој на собирот на британската МАГА-десница, „Обединете го Кралството“, во Лондон изјави:

„Без разлика дали избирате насилство или не, насилството доаѓа по вас. Или возвраќате – или умирате.“

Покојниот Чарли Кирк ја нарече Британија „тоталитаристичка земја од третиот свет“.

Меѓу МАГА-инфлуенсерите вообичаено е да се зборува за претстојна граѓанска војна во Британија.

Британија може слободно да му принесува дарови на Трамп – но би било мудро да не живее во неговата сенка, заклучува ФТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ