Украина би требало да ѝ се приклучи на Европска Унија до 1 јануари 2027 година, според еден предлог што се разгледува во рамките на мировните преговори што се водат со посредство на Соединетите Американски Држави за ставање крај на војната со Русија, рекле извори запознаени со содржината на документот.
Изворите за Фајненшл тајмс рекле дека пристапувањето во Европска Унија до 1 јануари 2027 година е наведено во најновиот нацрт на мировниот предлог за Украина, за кој преговараат американски и украински функционери, со поддршка од Брисел.
Планот е ревидирана верзија на предлозите што администрацијата на Трамп ги изнесе за завршување на војната — план што Киев и неговите европски сојузници го сметаа за наклонет кон Русија.
Најновата верзија доаѓа во момент кога Доналд Трамп го засилува притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да се согласи на мировен договор до Божиќ.
Функционери што ја поддржуваат амбицијата на Украина за членство во Европската Унија велат дека Европската комисија сега разбира дека не треба да го попречува мировниот процес со спротивставување на забрзаниот рок за прием на Киев.
Овој забрзан временски рок, иако Украина сè уште формално нема завршено ниту една од 36-те фази на пристапување во Европската Унија, би го променил досегашниот принцип на проширување „заснован на заслуги“ и би го принудил Брисел повторно да го преиспита целиот пристапен процес, додаваат изворите.
Американската поддршка за мировниот план би значела и дека Трамп би можел да изврши притисок врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој досега го кочеше процесот на пристапување на Украина, да го повлече ветото.
„Прашањето за идното членство на Украина во Европската Унија во голема мера зависи од Европејците — а, всушност, и од Американците“, им рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на новинарите во Киев во четвртокот.
„Ако се договориме за спогодба во која јасно ќе биде наведено кога Украина станува членка на Европската Унија, Американците, како страна во тој договор, ќе направат сè за нашиот европски пат да не може да биде блокиран од други во Европа врз кои тие имаат влијание“, додаде тој.
Украина поднесе барање за членство во Европската Унија набргу по руската инвазија во февруари 2022 година, а статусот формален кандидат го доби четири месеци подоцна.






