сабота, 13 декември 2025

ФТ: Европа мора да го зголеми притисокот врз Вучиќ за одржување фер-избори, автократите не прават реформи

Европа мора да го зголеми притисокот врз српскиот претседател Александар Вучиќ да биде поодговорен и да одржи навистина фер избори, со цел да се избегне подлабоко демократско уназадување, пишува Фајненшл тајмс (ФТ).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека САД засега се чини дека го напуштија Балканот, Европската Унија (ЕУ) и Обединетото Кралство не го сторија тоа, туку предолго му попуштаат на Вучиќ, пишува весникот, додавајќи дека Брисел и Лондон треба да дејствуваат и да го искористат своето економско влијание.

„Ако не успеат во тоа и Србија продолжи по авторитативен пат, нема да биде виновен само Вучиќ, туку и неговите западни поддржувачи, кои замижуваат“, пишува лондонскиот весник.

Во статијата се наведува дека, иако Србија е само кандидат за членство во ЕУ, Вучиќ има блиски врски со лидерите на ЕУ, како што се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и францускиот претседател Емануел Макрон, „не само преку тоа што нуди можност европските рударски компании да ги експлоатираат наоѓалиштата на литиум во Србија“ заради поголема енергетска независност за Европа.

Вучиќ, исто така, се додава, изградил добри односи со блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат.

Осврнувајќи се на политиката на Вучиќ за балансирање на глобалната сцена и одржување добри односи со Москва, Пекинг, Брисел и Вашингтон, ФТ пишува дека неговата рутина за обезбедување „можеби вреди да се проучува“ од други земји што имаат стратегиски партнерства со неколку глобални сили, но дека тој дома се приближува кон крајот на патот бидејќи „фрустрациите поради неговото неодговорно и нетранспарентно владеење се претворија во протести“.

„Реалполитиката ја одразуваше желбата да се спречи Србија да се лизне во руската орбита. Но овој пристап повеќе не е одржлив. Вучиќ треба да биде притиснат да биде поодговорен и да одржи навистина фер-избори; ова е секако неопходно за каква било надеж за членство во ЕУ. Алтернативата е Србија да го следи патот по кој, за жал, тргна Грузија, станувајќи лажна демократија врз која ЕУ нема никакво влијание и за чии ексцеси не може да направи ништо повеќе од тоа да го изразува својот протест во соопштенија“, се оценува во текстот потпишан од уредничкиот тим на лондонскиот дневен весник.

ФТ пишува дека по околу една деценија на власт, „ветераните авторитарни лидери“ неизбежно се наоѓаат на раскрсница: дали да ја зголемат репресијата, да го консолидираат својот круг капиталистички пријатели и да ги задушат преостанатите независни медиуми, доколку ги има, или да ги прифатат повиците на опозицијата за реформи.

„Автократите речиси секогаш се одлучуваат за првиот пристап и стануваат понепопустливи. Сега, со антивладините демонстранти на улиците на главниот град Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ се соочува со овој избор“, наведува весникот.

Лондонскиот весник потсетува дека од ноември, откако 16 лица загинаа при уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад, демонстрантите излегоа на улиците во голем број, а минатата недела беа забележани најнасилните протести со судири со полицијата во неколку града.

„Со текот на годините, Вучиќ, во младоста екстремен националист, го користеше пансрпскиот сентимент и иредентизмот на српските малцинства во соседна Босна и на Косово за да ја консолидира поддршката. Но таа карта можеби ја губи својата моќ“, пишува ФТ.

Вучиќ, проценува весникот, теоретски сè уште би можел да ги укине ограничувањата за недржавните медиуми, да го отвори политичкото поле за опозицијата и да започне вистински независни истраги за скандалите како што е уривањето на настрешницата.

„Ваквите потези би помогнале и во долгоодложуваниот обид на Србија да се приклучи кон ЕУ. Но реформите не се патот на автократот: Вучиќ сè пожестоко се пресметува“, проценува ФТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ