Интензивните дипломатски напори да се одврати Доналд Трамп од напад врз Иран, вклучително и комуникација меѓу Исламската Република и американската администрација, доведоа до стивнување на тензиите во Заливот, рекле за Фајненшл тајмс три извори блиски до арапските влади.
Весникот пишува дека регионалните држави, меѓу кои Саудиска Арабија, Турција, Катар, Оман и Египет, ја повикувале администрацијата на Трамп на воздржаност, предупредувајќи на потенцијалната штета за иранските соседи во случај на американски напад врз иранскиот режим, вклучително и раст на глобалните цени на нафтата и гасот.
„Засега работите се смирија“, рекол за Фајненшл тајмс еден арапски функционер. „САД ќе одвојат време за разговори со Иран за да видат во која насока ќе се движат работите.“
Комуникацијата меѓу САД и Исламската Република им овозможила на иранските функционери да го уверат Трамп дека нема да има погубувања на демонстранти и дека бројот на загинатите не бил толку висок како што се известувало надвор од земјата.
Функционерот рекол дека сега растат надежите дека комуникацијата меѓу Техеран и Вашингтон, која можеби била олеснета преку посредување на трета страна како Русија или Оман, би можела да прерасне во дополнителни разговори во наредните денови.
Тензиите во изминатите неколку дена нагло се зголемија откако Трамп во вторникот навести американска акција против режимот, објавувајќи на социјалните мрежи: „ПОМОШТА Е НА ПАТ“, додека иранските демонстранти се соочуваа со брутален обрач од страна на властите.
Амнести интернешнел соопшти дека иранските власти извршиле „масовни незаконски убиства од невидени размери“ со цел да ги задушат главно мирните протести што избувнаа кон крајот на декември, при што бројот на загинатите се искачил на 2.000, како што било наведено, „според официјално признание“.
САД вчера објавија нови санкции против некои лидери на иранскиот режим за кои тврдат дека учествувале во организирањето на обрачот, како и против поединци и ентитети што ги обвинуваат за перење на иранските приходи од нафта.
Меѓу 18-те санкционирани лица и ентитети се најде и Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност, за кого Вашингтон тврди дека бил меѓу првите ирански лидери што повикале на насилство против демонстрантите. САД санкционираа и покраински команданти на иранската паравоена Револуционерна гарда.
„Нашата порака до иранскиот народ е јасна. Вашите барања се легитимни“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент во видеопорака. „Протестирате за благородна цел и Соединетите Американски Држави ве поддржуваат вас и вашите напори.“
Тој додаде дека пораката на администрацијата до иранското раководство е дека „сѐ уште има време, ако одлучите да ни се придружите. Како што рече претседателот Трамп, прекинете со насилството и застанете на страната на народот на Иран“.
Додека регионалните тензии растеа во средата, Вашингтон повлече дел од персоналот и авионите од воздухопловната база Ал Удеид во Катар, регионалното седиште на американската воена команда во кое се сместени околу 10.000 војници, што поттикна шпекулации за американски напад врз Техеран следниов период.
Меѓутоа, подоцна во текот на денот, Трамп изјави дека добил уверувања оти Иран престанал да убива демонстранти и дека нема планови за погубувања. Тој не го наведе изворот на тие информации.
Неговата изјава предизвика пад на глобалните цени на нафтата, откако трговците станаа помалку загрижени дека евентуална воена акција би можела да ја ограничи иранската продукција или дека Иран би можел да возврати со напади врз извозните рути за снабдување низ Ормускиот Теснец.
Борбената група на носачот на авиони УСС „Абрахам Линколн“ се движи кон регионот, според еден дипломат и сателитската анализа на Оли Балинџер, предавач по геопросторни анализи на Универзитетскиот колеџ Лондон.
Додека САД ја проценуваат ефикасноста на можните напади, воените опции и понатаму се на маса, рекол еден од изворите. „Трамп е подготвен да го повлече чкрапалото и да ја прогласи деескалацијата за блеф“, рече тој. Сепак, американскиот претседател сака „брз, јасно дефиниран исход“, каков што постигна со својата воена интервенција во Венецуела.
Немирите во Иран и можноста за американска интервенција ги поттикнаа земјите во регионот да градат потесни одбранбени односи.
Анкара води разговори за продлабочување на одбранбените врски со Саудиска Арабија и Пакистан, кои минатата година склучија договор за меѓусебна одбрана, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
„Стабилноста во регионот можат да ја обезбедат само водечките земји од регионот. Но нас нѐ мачи недостигот од доверба… решете го тој недостиг од доверба и 80 отсто од нашите проблеми ќе бидат решени“, им рече Фидан на новинарите во четвртокот. „Нам дефинитивно ни е потребна одбранбена стабилност во регионот; тоа е внатрешна, регионална работа.“






