понеделник, 2 февруари 2026

Фреска на ангел со ликот на Џорџа Мелони го разбранува Рим (ФОТО)

Реставрација на фреска во една римска базилика предизвика политички спор во кој се вклучија опозициските партии, институциите за заштита на културата и црква со долгогодишни врски со италијанската десница, пишува денес Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува бриселскиот портал, италијанските власти ја истражиле фреската бидејќи по неодамнешната реставрација се чинело дека ја прикажува премиерката Џорџа Мелони во форма на ангел или Ника, фигура од грчката митологија која италијанските монархисти често ја користат.

Цртите на лицето на херувимот биле доработени од истиот сликар кој пред 20 години ги изработил оригиналните решенија за базиликата Сан Лоренцо од Лучина, црква историски поврзана со десничарски политички фигури во Рим.

Неговиот уметнички избор предизвика јавна дебата која брзо стана политичка.

Претставниците на опозицијата побараа отворање истрага за „разјаснување на сите одговорности“, додека Министерството за култура спровело увид на лице место во текот на викендот. Локалните претставници на Министерството за култура „ќе проверат дали имало барање за оригиналните декорации од 2000 година и дали има скици или фотографии“, со оглед на тоа што црквата е во сопственост на Министерството за внатрешни работи.

Во неделата, локалната епархија се обиде да се дистанцира од политичките конотации на уметничкото дело, повикувајќи ја јавноста да не ја користи религиската уметност за политички цели. „Приказите на сакрална уметност и христијанска традиција не треба да бидат предмет на несоодветна употреба“, се наведува во соопштението.

Сепак, монсињор Даниеле Микелети, пасторот на базиликата, го намали значењето на целата контроверзност, опишувајќи ја крилестата победа во Сан Лоренцо во Лучина како прашање на уметничка слобода.

На крајот на краиштата, кажа тој, „дури и Караваџо користел лице на проститутка“ во своето сликарство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ