недела, 14 декември 2025

Франс прес: Во август има помалку руски напади со дронови со долг дострел на Украина

Руски напади со беспилотни летала со долг дострел врз Украина во август имало за една третина помалку отколку во јули, според анализата на Франс прес објавена денес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова намалување по три месеци интензивирани руски воздушни напади се совпаѓа со средбата на Алјаска меѓу претседателите на Соединетите Американски Држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, по што Трамп се сретна во Вашингтон со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Иако тие состаноци поттикнаа надежи за напредок кон мировни преговори, речиси и да нема никаков напредок.

Според анализата на АФП на дневните извештаи на воздухопловните сили на Украина, во август Русија лансирала 4.132 беспилотни летала за време на ноќните напади врз Украина, што е за 34 отсто помалку отколку во јули.

Сепак, тие воени извештаи се само „индикативни“ и претежно се однесуваат само на ноќните напади, порачале украинските воздухопловни сили, додавајќи дека вкупниот број беспилотни летала со долг дострел што ги користела руската војска веројатно бил нешто поголем.

Во јули, според тие извештаи, руската војска испратила 6.297 беспилотни летала со долг дострел и 198 ракети кон својот сосед, што е најмногу за еден месец од почетокот на рускиот конфликт со Украина во февруари 2022 година.

Киев, главниот град на Украина, претрпе еден од најразорните напади со беспилотни летала и ракети на 28 август, кога беа убиени 25 лица, меѓу кои и неколку деца, претежно жители на станбена зграда.

Руските напади со беспилотни летала и ракети врз украинските градови во јуни предизвикаа рекорден број на цивилни жртви и повредени во тригодишната војна, според Обединетите нации.

Ноќните напади се речиси редовни од почетокот на конфликтот, најсмртоносни во Европа од Втората светска војна.

Покрај беспилотните летала „геран“, базирани на иранскиот „шахид“, кој Русија го произведува масовно, таа истрелала 156 ракети кон Украина во август.

Затоа, според АФП, август бил третиот месец оваа година во однос на интензитетот на нападите.

Украинската противвоздушна одбрана, иако се соочуваше со сè пософистицирани напади, тврди дека соборила 83 отсто од руските беспилотни летала и ракети во август и 88 проценти во јули.

Намалувањето на бројот на напади со беспилотни летала во август било поголемо во првата половина од тој месец, што се совпадна со средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин на Алјаска, која заврши без значителен напредок кон прекин на конфликтот.

Во втората половина на август, Русија изврши два големи воздушни напади врз Украина, во кои беа употребени неколку стотици беспилотни летала и ракети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ