вторник, 10 јуни 2025

Франс прес: Како студентите во Србија изградија сопствена демократија без лидери

Студентското протестно движење во Србија нема лидер, а процесот на донесување одлуки е бавен и макотрпен, но активистите непоколебливо веруваат во неговиот основен принцип: директна демократија преку пленуми што се одржуваат на факултетите, пишува Франс прес во детална анализа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кога стреата на реновираната железничка станица во Нови Сад се урна во ноември минатата година, при што загинаа 16 лица, прво се појави тага, а потоа и гнев.

Студентите излегоа на улиците за да го осудат она што го сметаа за длабоко вкоренета корупција што ја овозможи таквата трагедија.

Потоа се организираа во национално движење, а негова основа стана директната демократија.

Пленуми

Пленумите – состаноци зад затворени врати на универзитетите – беа тие што одлучуваа за секој следен чекор: од 16-минутното молчење во спомен на жртвите, до протестите и повиците на штрајкови.

Секој студент може да учествува и да гласа на пленумските сесии.

„Директната демократија ни овозможува да останеме обединети… да го продолжиме ова движење за пофер систем“, вели за АФП Маја, 23-годишна студентка на Факултетот за природни науки и математика во Нови Сад.

„Нашата основна вредност е: без лидери“, додава таа.

На првиот импровизиран пленум во декември, четирите амфитеатри беа полни, се сеќаваат присутните.

Организацијата тогаш била хаотична, без јасна структура.

Затоа студентите вовеле систем со кодирани бои за филтрирање на проблематичните лица – оние кои ги прекршувале правилата или се обиделе да го саботираат движењето.

Тие формирале работни групи во посебни простории, за управување со донации, координирање меѓу факултетите или дизајнирање слогани.

Шест месеци подоцна – владее дисциплината.

Протести без преседан

Србија бележеше големи протести во минатото, особено во деведесеттите години, а од 2016 година протестите станаа речиси редовна појава.

Но „интензитетот и обемот на овој протест се без преседан во последните 30 години“, вели Вујо Илиќ, политички истражувач од Универзитетот во Белград.

„Она што квалитативно го разликува е токму пленумот… директната демократија“, вели тој за АФП. „Никогаш порано масовните протести не биле поврзани со овој облик на донесување одлуки.“

Илиќ истакнува дека овој модел повеќе се потпира на прогресивните движења од Западот, како што е „Окупирај го Волстрит“, отколку на наследството од комунистичкиот период на Србија.

Според најновиот извештај на Транспаренси интернешнл, Србија е на 105-то место од 180 земји на листата на перцепции за корупција – најлош ранг по повеќе од една деценија.

Дневен ред и правила

Затоа студентите, не верувајќи во политичките партии и институции, поставуваа свои правила и ги следеа, вели Илиќ.

На почетокот на секоја пленумска седница се гласа за дневниот ред. Говорите се временски мерени и модерирани од ротирачки модератори.

Секој факултет има свои кодови за гласање, појаснувања и корекции на коментарите, а сите записници се споделуваат во онлајн групи.

„Тоа е строга процедура што се обидуваме да ја следиме. Понекогаш е комплицирано и тешко да се сумираат сите аргументи“, признава Маја. „Но, тоа е процес на учење.“

Пленумите можат да траат со часови, да бидат исцрпувачки и полни со напнатост.

„Тоа е дефинитивно најбавниот начин за донесување одлуки“, вели Анѓела, студентка на Академијата за бизнис и применети уметности во Белград.

Поминаа три месеци од падот на владата во февруари до официјалниот повик на студентите за вонредните парламентарни избори.

„Но, тоа е процесот во кој веруваме“, вели Анџела. „Тоа е единствениот начин да се донесат одлуки на повисоко ниво и да се вклучат сите. Тоа е демократско тело кое го избравме како најдобро.“

Отежнато таргетирање

Овој пристап им отежнува на претседателот Александар Вучиќ и на провладините медиуми да ги таргетираат индивидуалните активисти.

„Не можат да нè обвинат сите нас – бидејќи сме илјадници“, вели Анџела.

Студентите, исто така, одбија да соработуваат со политичките партии, што им донесе дополнителна поддршка, иако Вучиќ редовно ги обвинува дека се под влијание на странски сили.

„Завршивме со вашите барања“, им рече Вучиќ на поддржувачите на митингот во саботата, мислејќи на студентите.

Младите луѓе, кои сочинуваат повеќе од 18 отсто од населението на Србија, се обидуваат да го прошират својот модел на организирање во делови од земјата надвор од големите градови.

„Прашањето е дали нивната пракса може да се пренесе надвор од универзитетот“, вели Илиќ. „Но, без оглед на тоа, ова секогаш ќе остане дел од наследството на едно општествено движење.“

Месеците активизам би можеле да се претворат во некаков вид студентска политичка организација.

Нивниот модел на донесување одлуки би можел да остави траен белег врз општеството кое е длабоко недоверливо кон изборите, партиите и парламентот.

„Тоа е трансформирачко искуство – и за студентите и за целото општество“, заклучува Илиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ