Петте дронови биле откриени во четвртокот вечерта над база на подморници во Бретања, во западна Франција – стратегиско воено место каде што се стационирани подморници вооружени со балистички ракети, соопшти француската жандармерија, која е дел од оружените сили.
Подморниците стационирани во оваа база носат нуклеарно оружје и се клучен дел од нуклеарното одвраќање на Франција.
Според АФП, припадниците на француската морнарица задолжени за заштита на базата отвориле оган врз беспилотните летала. Не е познато дали леталата биле соборени.
Локалните власти изјавија за АФП дека е отворена правна истрага и дека работењето на базата не е нарушено.
Беспилотни летала веќе биле забележани во таа област минатиот месец, иако не директно над базата, според француските медиуми. Слични инциденти биле регистрирани години претходно, дури и пред руската инвазија на Украина.
Развојот на настаните следи по серија неодамнешни упади со беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО, за време на кои беспилотни летала беа наводно забележани над чувствителни воени локации и цивилна инфраструктура низ цела Европа, вклучувајќи ги Белгија, Германија, Данска и Норвешка.
Борбени авиони беа испратени во Полска во септември за да соборат беспилотни летала од руско потекло, инцидент кој е широко протолкуван како ескалација на хибридната војна која рускиот претседател Владимир Путин според Западот ја води против Европа.
Француските власти сè уште не коментираа за можното потекло на беспилотните летала видени во четвртокот над воената база.






