понеделник, 6 април 2026

Франс инфо: Дали Трамп може еднострано да ги повлече САД од НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ја повлече својата земја од НАТО, мора законски да добие одобрение од две третини од сенаторите, но, според експертите, тој многу лесно би можел да одлучи неофицијално да ги повлече Соединетите Американски Држави од Северноатлантската алијанса, соопшти денес француското радио Франс инфо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Заканата на Трамп не е ништо ново, а тој во средата, на 1 април, ја повтори својата намера да ги повлече САД од НАТО, мотивирана од одбивањето на членовите на западниот воен пакт да се приклучат на неговата војна против Иран.

Трамп веќе изрази, за време на својот прв мандат, желба да ја повлече земјата од НАТО, организација од 32 земји создадена во 1949 година.

Како претседател на САД, Трамп не може еднострано да ја повлече земјата од Северноатлантскиот договор, бидејќи во тоа го спречува закон кој Конгресот го донесе во 2023 година.

Тој закон предвидува дека таква мерка може да се преземе само со согласност на две третини од 100-те сенатори или со усвојување на посебен закон во Конгресот. Пред да почне таков процес, американскиот претседател е должен да се консултира и со Комитетот за надворешни односи на Сенатот и со Претставничкиот дом. Исто така, мора писмено да ги извести за разгледување или одлука за повлекување, најмалку шест месеци пред преземање акција.

Тој закон беше усвоен за време на демократскиот претседател Џозеф Бајден со цел да се заштити членството на САД во НАТО, наведува Франс инфо, оценувајќи дека тоа бил еден вид очекување на враќањето на Доналд Трамп на власт.

Иронично, во тоа време, законот го застапуваше Марко Рубио, сегашниот државен секретар на САД. Во неодамнешно интервју за конзервативниот канал Фокс њуз, Рубио, кој сега е отворен критичар на Северноатлантската алијанса, кажа дека САД веројатно ќе ја преиспитаат својата улога во НАТО откако ќе заврши конфликтот во Иран.

„НАТО едноставно сака да има сили во Европа за да ја бранат Европа. Но, кога ни требаат нашите сојузници да ни дозволат да ги користиме нивните воени бази, нивниот одговор е – не. Па зошто сме тогаш во НАТО?“, праша Рубио.

Со оглед на сегашниот состав на Сенатот, мали се шансите американските пратеници да го одобрат повлекувањето од НАТО со двотретинско мнозинство.

Горниот дом на американскиот Конгрес се состои од 45 демократи, двајца независни пратеници и 53 републиканци, од кои повеќето би се спротивставиле на напуштањето на Алијансата, вели Ромуалд Скиора, соработник истражувач во Институтот за меѓународни и стратегиски односи (ИРИС) и директор на Американската политичка и геостратегиска опсерваторија.

Дури и со едногласна поддршка од републиканските сенатори, најмалку 14 демократи би морале да гласаат за мерката за да го исполнат потребниот праг на одобрување. Тоа сценарио е малку веројатно, имајќи ја предвид реакцијата на демократските лидери во Сенатот на изјавите на Доналд Трамп.

„Можам да ви го ветам ова: Сенатот нема да гласа за повлекување од НАТО и напуштање на нашите сојузници само затоа што Трамп е вознемирен што не ја следеа неговата безгрижна војна“, изјави неодамна Чак Шумер, првиот човек на демократите во американскиот Сенат.

Сепак, некои се плашат дека Трамп ќе го игнорира законот и може да посегне по друга опција.

Иако се чини дека официјалното повлекување на САД од НАТО е тешко да се замисли и спроведе, на Трамп всушност „не му е потребно тоа за неофицијално да ја напушти Алијансата“, вели експертот за американска политика Аликс Франжел Алв.

Конкретно, американскиот претседател би можел неформално да се повлече, со затворање на американските воени бази во Европа, со што ќе ја загрози поддршката за Украина, или со одбивање да споделува разузнавачки податоци со своите сојузници. И сето тоа без консултација со Конгресот.

Понатаму, Трамп, со својата реторика, би можел да ги поткопа американските безбедносни гаранции за НАТО.

„Како шеф на оружените сили на САД, Трамп би можел да изјави дека нападот врз земја од НАТО нема да предизвика воен одговор на САД“, бидејќи ништо не го принудува да го стори тоа, вели друг експерт Мартин Кансес.

Членот 5 од договорот за НАТО предвидува дека вооружен напад врз членка на Алијансата ги обврзува потписниците да му помогнат на својот сојузник, „преземајќи дејства што ги сметаат за неопходни“.

Меѓутоа, договорот не бара воен одговор, вели Кансез, додавајќи дека САД затоа би можеле да останат во НАТО и повеќе да не дејствуваат во одбрана на своите сојузници.

Според аналитичарите, Трамп всушност нема интерес да ја напушти оваа Алијанса, која е „лост за притисок врз Европејците да се усогласат со неговата политика, особено со неговата воена операција на Блискиот Исток“.

Тие додадоа дека НАТО „носи огромни суми пари во САД преку купување оружје“, додаде Франс инфо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ