Накитот кој беше украден сред бел ден од Лувр во Париз е проценет на околу 88 милиони евра, објавија денес париските обвинители. Во неделата четворица крадци украле девет предмети од познатиот париски музеј додека бил отворен за посетители, а еден од украдените предмети бил фрлен и пронајден на местото на настанот.
Париските обвинители ја довериле истрагата на специјализирана единица позната како БРБ, која често се занимава со грабежи од висок профил. Поранешен офицер кој служел во единицата открил дека токму БРБ ја водела истрагата за грабежот на Ким Кардашијан во 2016 година, кога банда провали во нејзиниот стан во Париз, ја врза и избега со накит вреден околу шест милиони долари.
Паскал Шкудлара, поранешен член на единицата, објаснува дека БРБ има околу 100 агенти, од кои повеќе од десетина се специјализирани за кражби во музеи. Истражителите ги прегледуваат видео снимките, телефонските записи и форензичките докази и разговараат со доушници.
Шкудлара цели дека БРБ „може да има тимови кои работат на тоа 24 часа дневно, 7 дена во неделата и тоа подолго време“, додавајќи дека е „100 отсто“ сигурен дека крадците ќе бидат фатени.
Уметничкиот детектив Артур Бренд, кој ѝ помага на полицијата низ Европа, додава дека истражителите ќе ги прегледуваат и снимките од надзорните камери од пред неколку недели за да бараат сомнителни луѓе кои можеби ја разгледувале галеријата.
Експертите веруваат дека само мал круг криминалци се способни да извршат таков дрзок грабеж и дека тие веројатно веќе ѝ се познати на полицијата. Експертот за кражба на уметнички дела Ентони Аморе за Скај њуз изјави дека сторителите биле „веројатно европска криминална банда“.
Освен еден од украдените предмети – круната што ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопругата на Наполеон Трети – и која беше пронајдена на местото на настанот, француската министерка за култура Рашида Дати потврди дека полицијата нашла и „мотоцикли и регистарска табличка“.
Докази се пронајдени и на кранот кој крадците го користеле за да пристапат до галеријата Аполо на првиот кат, каде што бил изложен накитот.
„Исто така, сакам да им оддадам почит на обезбедувачите кои спречиле кранот да се запали“, додаде Дати. „Еден од криминалците се обидел да го запали, но тие го принудиле да избега“.
Уметничкиот детектив Артур Бренд предупреди дека веројатноста да се најде пленот во нечепната состојба се намалува со секој ден.
„Овие крунски скапоцености се толку познати што едноставно не можете да ги продадете“, објаснува тој. „Единственото нешто што можат да направат е да ги стопат среброто и златото, да ги извадат дијамантите, да се обидат да ги исечат. Така веројатно ќе исчезнат засекогаш“.
Бренд верува дека полицијата мора да ги фати крадците во рок од една недела за да има каква било надеж дека накитот ќе биде пронајден. „Ако потрае подолго, пленот веројатно е исчезнат и парчосан“, кажа тој. „Ова е трка со времето“.






